Според Индексот за перцепција на корупцијата Северна Македонија бележи пад од 13 места, односно со 35 поени е пласирана на 106 место, за разлика од 2018 кога била на 97 место. Вакавата оценка го отвори прашањето на што се должи овој пад, со оглед на забележливите успеси на Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси.
Со претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска разговаравме и за актуелното прашање дали министерката за правда Рената Дескоска може да биде членка на Венецијанската комисија и паралелно да биде на функцијата министер.
На што се должи падот од 13 места на земјата во рангирањето на Индексот за перцепција на корупцијата, што го објави Транспаренси Интернешенел и дали е во прашање само случајот „Рекет“?
Индексот е пресметан врз база на 7 извори на податоци од 7 независни институции специјализирани во областа на управувањето како и анализа на бизнис климата.
Генерално, нe само за нашата држава, впечатокот е дека постои високо ниво на политичка корупција, недоволна транспарентност во работењето на јавниот сектор, недоволен капацитет и неефикасност на контролните и регулаторни тела.
Според резултатите што конкретно се однесуваат на нашата држава, најслаби оценки сме добиле од Economist Intelligence unit EIU, во делот влијание на политиката врз економијата и бизнисот, 19.79 поени и Varieties of Democracy Project VDP 27.53 поени во делот на демократските процеси.
Собирани се двегодишни податоци и нормално дека сè што се случувало во тие две години имало влијание вклучително и случајот „Рекет’, кој направи длабоки потреси во државата. Доколку ние покажеме дека ќе се справиме со овој случај, нели, постапките уште се во тек, но ако има завршница каде ќе се разобличат сите извршители што се вплеткани, ќе добиеме на поени.
За надминување на овие состојби треба да се вклучи целото општество, а особено треба да се остави простор за работа на независните тела како што е и нашата институција. Ова дотолку повеќе што една од надлежностите на ДКСК е следење на финансирањето на политичките партии, што е многу важен сегмент од наодот влијание на политиката во економијата и бизнисот, бидејќи вообичаено главните финансиери на партиите подоцна се јавуваат како економски оператори кои ги добиваат тендерите. Постојат ефикасни начини за следење на овие текови на пари, кои за жал сè уште не можеме да ги ставиме во функција, поради проблемите кои веќе цела година ги предочуваме на одговорните во државава како и на јавноста, дек немаме услови тоа да го воспоставиме.
Сепак како најважен момент би го споменала подигнување на свеста на сите чинители во општеството, особено на оние кои се бават со политика тоа да го прават од идеолошки, а не од користољубиви причини и пред се во корист на јавниот интерес на граѓаните.
Номинацијата за член на Венецијанската комисија за министерката за правда, Рената Дескоска, е прифатена. Сепак, како дискутабилно прашање го наметна опозицијата, дали истовремено може да биде и министерка и членка на Венецијанската комисија повикувајќи ја ДКСК да даде свое мислење? Кој е ставот на ДКСК, дали ќе се отвори предмет по ова прашање?
ДКСК отвори предмет за овој случај, за да се разграничат сите прашања поврзани со овој случај. Нас не интересира следното: кои се правилата за членување во Венецијанската комисија, дали таа си има свои правила, критериуми, од друга страна каква е постапката за номинација од страна на нашата држава и дали сите овие постапки имаат некакви пречки со нашиот закон: дали тоа се смета за јавна функција или не, кај нас не смее да постои акумулација на јавни функции. Ние веќе имавме разговор, односно интервју со министерката Дескоска. Понатаму испративме писмо до Владата во кое побаравме да ни ги достави податоците околу нејзината номинација, но исто така ќе ги провериме и самите правила дефинирани во Деловникот и во Статутот на Венецијанската комисија и што тие предвидуваат. Колку што знам и сум информирана секој претставник кога станува збор за дискусии од неговата земја не смее да учествува во расправата во Венецијанската комисија ниту пак да одлучува. Тоа се правилата кои што ги има воспоставено. Но, како и да е, ние го почнавме случајот, да ги собереме овие процедурални прашања и понатаму ќе си излеземе со наш став.
Министерката не е единствен претставник. Во државата може да има и други такви претставници, едноставно да си го изградиме ставот не само за овој случај туку и за сите во иднина.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски