Оваа објава на Фејсбук го користи името на ланецот продавници за ИТ опрема „Анхоч“ за да го привлече вниманието на корисниците. Но, нема никаква формална врска помеѓу оваа компанија и овие измамници, за што од „Анхоч“ излегоа со реакција и предупредување дека се работи за лажна наградна игра, пишува Вистиномер.мк.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
На социјалната мрежа Фејсбук се шири објава за лажен попуст на „нинтендо“ сет за играње со OLED екран. Ова е измама, не наседнувајте на вакви објави!
Поради завршување на партнерството помеѓу Аnhосh и Nintеndо, го ликвидираме нашиот залиха во Македонија и решивме да ви дадеме можност да купите нов Nintеndо Switch ОLЕD со 99,9% попуст, пишува во оваа вирална објава којашто во моментот на нашата рецензија има повеќе од 900 допаѓања, над 720 коментари и 84 споделувања.
За да ги намами своите жртви, рекламата – во која има и јазична грешка (нашиот залиха), е придружена со фотошопирана фотографија на која се прикажани залихи на овој продукт наредени еден врз друг во продавница. Со софтвер за уредување како Photoshop, измамниците ја прецртале вистинската цена на конзолата, поточно 23.990 денари и додале со црвени бројки 123 денари за да сугерираат дека тоа е вистинска промоција. Нудат огромен, но лажен попуст од 99,9 отсто.
Објавите за овој огромен попуст имаат низа коментари од лажни профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди. Па така, корисници со имиња како Dominique Carey, Jack Jones, Sarah Finch, Martial Nadeau, пишуваат коментари на македонски јазик користејќи кирилица со цел да ги убедат останатите корисници на Фејсбук дека понудата е реална. Но, кога некој со име како Dominique Carey ќе напише коментар:
Еден мој пријател ми кажа за оваа промоција. Платив 123 МКД на веб страната и Nintendo Switch ми беше испорачан следниот ден. Мојот син е многу среќен, многу му се допадна или кога Sarah Finch ќе напише Учествував и платив 123 МКД. Менаџерот ме контактираше и сега ја чекам испораката, треба одма да ви стане сомнително дека станува збор за некаква измама.
Притоа, лажната наградна игра, ги наведува корисниците на социјалните мрежи, за да може да учествуваат, да клинкат на копчето „Apply now“ кое пренасочува на друга веб-страница. Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и бара од корисниците информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата.
Оваа објава го користи името на ланецот продавници за ИТ опрема „Анхоч“ за да го привлече вниманието на корисниците. Но, нема никаква формална врска помеѓу оваа компанија и овие измамници, за што од „Анхоч“ излегоа со реакција и предупредување:
Почитувани потрошувачи,
Во текот на изминатава недела се појави лажна „наградна игра“ односно “ликвидација“ на неовластен продавач на Nintendo конзоли. Истите, на граматички неточен јазик, имаат дадено изјава дека Анхоч и Нинтендо имаат раскинат договор и дека они ја ликвидираат останатата залиха.
Оваа информација НЕ Е ТОЧНА и е ИЗМАМА
Анхоч Ве замолува дека доколку на Facebook Ви излезе таква објава, истата да ја пријавите користејќи report > scams > Pretending to be Another Business.
Вакви слични објави со нудење на истиот „нинтендо“ продукт за речиси ич пари, со иста фотошопирана фотографија се ширеле во мај во Јужна Африка и во февруари во Франција.
Корисниците на социјалните мрежи треба секогаш да се сомневаат кога ќе видат објава или реклама чија понуда се чини дека е предобра за да биде вистинита.