Министерството за одбрана ги демантира како невистинити тврдењата на претседателот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев, како и на неговиот сопартиец и пратеник Борислав Крмов, дека државата троши „300 милиони евра годишно за НАТО“.
„Не е вистина. Првенствено вкупниот одбранбен буџет воопшто не изнесува 300 милиони евра. Одбранбениот буџет е околу 220 милиони евра, но овие средства се наменети за нашата Армија – за функционирањето на Армијата и нејзината опременост. Конкретно за членство во НАТО секој граганин на Северна Македонија троши околу едно евро годишно, односно годишната сума за членарина изнесува 1,8 милиони евра. Тоа е сумата, значи речиси 200 пати помалку од она што се лиферува како комплетна, целосна дезинформација“, се вели во одговорот од Министерството за одбрана на прашањата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА за овие тврдења на пратениците на Левица.
Инаку, пратеникот Апасиев во објавата на социјалните мрежи од 26 јули 2022 која ја пренесе и порталот „Антропол“, напиша: „300 милиони ЕУР годишно за НАТО! И после немало за градинки, пожарни и амбуланти… Е па, нема де. Шо е тука чудното!? Нато фундаментализам“.
Пратеникот Крмов од Левица пак, критикувајќи ја одлуката на властите за донирање на тенкови и авионите Сухој на Украина, во јавната објава на социјалните мрежи на 4 август 2022 што ја пренесе и порталот „Антропол“, меѓу другото вели дека „АРМ е сведена на обични платенички одреди на НАТО и тоа иронично, каде не ни плаќаат, туку ние плаќаме околу 300 милиони евра годишно!“.
Но, официјалните податоци од државниот буџет и од Министерството за одбрана даваат сосем други бројки. Според нив, поконкретно, вкупниот ребалансиран одбранбен буџет за 2022 година изнесува точно 13.177.000.000 денари (214 милиони евра).
„За членарини во трите буџети на НАТО (цивилен, воен и безбедносно инвестициска програма) за 2022 година Република Северна Македонија придонесува со определен процент. Министерството за одбрана за годишна контрибуција во заедничкиот буџет на НАТО има планирано 113.000.000 денари (1,8 милиони евра) во Буџетот за 2022 година“, се вели во одговорот на МО до ИМА.
Како што наведуваат од Министерството, средствата предвидени во буџетот за модернизација и опремување на Армијата изнесуваат околу 3.417.000.000 денари (55,5 милиони евра). Но, според МО, тоа се средства кои се вложуваат во Армијата на Северна Македонија која, како Армија на членка на НАТО се модернизира со опрема компатибилна со стандардите на НАТО.
„Значи, овие пари не се уплатуваат на сметката на НАТО туку се вложуваат во опременоста на секој наш војник и офицер. Околу 27% од Ребалансираниот буџет на МО за 2022 година е наменет за модернизација на Армијата. Со тоа втора година по ред го исполнуваме едниот сегмент на таканаречениот DEFENCE INVESTMENT PLEDGE за вложување во опрема и модернизација повеќе од 20%“, велат од Министерството за одбрана.
Од таму, како најважни проекти преку кои ќе се опремува Армијата ги издвојуваат набавката на лесни оклопни возила, набавката на специјални возила за посебни намени за опремување на лесната пешадиска баталјонска група, набавката на логистичка опрема, набавката на информатичка опрема и сајбер одбрана, како и набавувањето опрема за пешадија, за извидувачки единици, артилериски средства итн.
Останатиот дел од Буџетот на МО, според официјалните податоци е планиран за други намени од кои поголемиот дел е за бруто плати и надоместоци на вработените (околу 4.363.000.000 денари), пензии за пензионирани воени лица (околу 515.000.000 денари), трансфери до ЕЛС за територијалните противпожарни единици (околу 420.000.000 денари), реновирање на касарни, реконструкција на објекти, инвестиции во човечките ресурси, подмладување на Армијата, и други тековни трошоци (комуналии, надомест за станарина, дневници за дежурства и стражарска служба и др).
Што се однесува до начинот на директно и индиректно финансирање на НАТО и на одбранбените буџети на секоја земја-членка, официјалните објави на Алијансата посочуваат дека во 2006 година, министрите за одбрана на НАТО се согласија да посветат минимум 2% од својот бруто домашен производ (БДП) на трошоците за одбрана за да продолжат да ја обезбедуваат воената подготвеност на Алијансата. „Ова упатство служи и како показател за политичката волја на една земја членка да придонесе во заедничките одбранбени напори на НАТО, бидејќи одбранбениот капацитет на секоја членка има влијание врз целокупната перцепција за кредибилитетот на Алијансата како политичко-воена организација“, пишува на официјалната страница на НАТО во врска со упатството за 2% инвестиција во одбраната.
На Самитот на НАТО во Велс во 2014 година, пак, беше усвоена декларација, во која сојузниците што ги исполнуваат упатствата на НАТО да потрошат минимум 2% од нивниот бруто-домашен производ за одбрана, се обврзаа дека ќе се залагаат дека ќе имаат цел да продолжат да го прават тоа. Сојузниците чиј тогашен процент на БДП потрошен на одбрана бил под ова ниво, се обврзаа дека ќе запрат какво било намалување на расходите за одбрана и дека ќе имаат цел да ги зголемат трошоците за одбрана во реални услови како што расте БДП и да се движат кон упатството за 2 отсто во рок од една деценија за да ги исполнат своите цели за НАТО и да ги пополнат недостатоците на капацитетот на НАТО.
Според податоците на одбранбен буџет на Северна Македонија за 2022 година, трошоците на земјата за одбраната се околу 1,7% од БДП. Во 2021 година, на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво на министри за одбрана, тогашната министерка Шекеринска истакна дека Северна Македонија веќе трета година по ред бележи континуитет во зголемувањето на одбранбениот буџет при што во 2021 година тој е проектиран на 1.57% од БДП, со што државата е на пат до 2024 година да го достигне нивото од 2%. Во 2021 година биле обезбедени повеќе од 25% од одбранбениот буџет за опремување и модернизација на вооружените сили со што Северна Македонија се вброила во групата од дваесет и четири сојузници кои веќе ја исполнија втората обврска од НАТО Самитот во Велс, со која членките најавија дека секоја година ќе одвојуваат повеќе од 20% од својот одбранбен буџет за опремување и модернизација на вооружените сили.
Извор: ИМА