Грешката, која се појави на страницата на електронскиот систем за јавни набавки, а која подоцна беше коригирана, не исчезнува од социјалните мрежи и по повеќе од една година. Имено, стануваше збор за кафемат за Министерството за правда кој бил добиен без надомест, поради годишна набавка на кафе во вредност од 60.000 денари. На социјалните мрежи, пак, сè уште невистинито се споделува веста дека Министерството купило кафемат кој чини над милион евра, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост.
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој што се споделува фотографија од Бирото за јавни набавки каде е наведена ставка „набавка на кафемат со полтрони за потребите на кабинетот на МП”. Во делот каде што се прикажуваат финансиските средства, наведена е сума од 1.151.220 евра која што е потцртана со црвена боја, а авторот на текстот пишува:
Само во Македонија може владата да испие кафе колку што чини изградбата на едно училиште. Како беше онаа, живот за сите.
Постот е објавен на 9 септември 2022 година. Меѓутоа, кога во пребарувачот Гугл ќе се впише дознаката на јавната набавка, веднаш агрегаторот Тајм.мк пронаоѓа серијал текстови од јули 2021 година кои се однесуваат токму на оваа тема.
Набавката е од Министерството за правда на С. Македонија. На 9 јули 2021 година, Македонската информативна агенција објави демант од Министерството за правда за дезинформацијата дека бил набавен апарат за кафе кој чини над еден милион евра.
Станува збор за грешка на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, кое по реакција на Министерството е коригирана. Министерството за правда има склучено договор со фирмата „Медикал маркетинг“ ДООЕЛ за годишна набавка на кафе во вредност до 60 илјади денари (без ДДВ). Кафематот за кој се пишува дека чини над милион евра е добиен од истата фирма на користење без надомест, односно Министерството нема трошоци за него и ќе биде вратен по истекот на договорот. Вредноста не мора да биде искористена во целост доколку вредноста на доставеното кафе е помала од истата, односно колку ќе се потроши толку ќе се плати за една година, при тоа да не се надмине износот од договорот, посочија тогаш од Министерството во нивниот демант.
Меѓутоа, грешката која се појави на страницата на електронскиот систем за јавни набавки, а која што подоцна беше поправена, не исчезнува од социјалните медиуми и повеќе од една година подоцна. Таков е случајот со постот што го рецензираме, а во кој грешката на сајтот за електронски набавки која е поправена, сè уште се споделува како да е вистинита. Дека постоела погрешна објава на договорот за јавна набавка покажуваат и тогаш објавени извештаи во медиумите, како на пример овој. Во него се вели дека договорот за набавка со погрешно испишаниот збор „полтрони“ (наместо патрони) биле објавени на сајтот за јавни набавки за потребите на Кабинетот на министерот за правда Бојан Маричиќ. Во извештајот се вели дека информацијата предизвикала бура од реакции на социјалните мрежи, по што Министерството за правда соопштило дека е направена грешка при објавата на огласот и дека станува збор за набавка која чини 60.000 денари.
Првично и огласот и договорот можеле да се видат на системот на Бирото за јавни набавки, но по неколку минути, по интервенција на Министерството за правда, ја снемало објавата за потпишаниот договор и била објавена нова.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина наведеното во постот што го рецензираме, дека владата (Министерството за правда н.з.) „испила кафе колку што чини изградбата на едно училиште”. Станува збор за грешка направена од Бирото за јавни набавки, а кафематот за Министерството за правда бил добиен без надомест, поради годишна набавка на кафе во вредност од 60.000 денари, што и не морала да биде реализирана во целост.