Во текот на изминатиот викенд амбасадорот на Соединетите американски држави во Атина Џефри Пајат, беше во посета на Софија, во соседна Република Бугарија, за да „ја поздрави одлуката на тамошната влада“ за нивните заложби за намалување на завсиноста на оваа држава oд руските енергенси.
Дополнително амбасадорот Пајат уште порача дека САД ги „мобилизираат своите енергетски ресурси за да ѝ помогнат на Европа“.
Три дена после оваа посета, бугарската државна компанија за дистрибуција на гас „Булгаргтрансгас“ соопшти дека заедно со ГАМА, македонската државна компанија за пренос на гас, започнале постапка за склучување договор за интерконектор Ќустендил/Жидилово, на македонска страна, за да се овозможи дистрибуција на гас.
Ова значи дека, освен пренос на рускиот гас од Гаспром, ГАМА сега ќе биде во можност до нашата земја да го донесе и гасот од Грција што преку интерконекторската врска што ја воспоставија Бугарија и Грција на 1 октомври, на церемонија на која присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.
Преку оваа врска и со поврзувањето на нашата земја со Бугарија со интерконекторот Ќустендил/Жидилово, во Северна Македонија ќе може да доаѓа природен гас од Азербејџан, Катар и други земји, како и ЛНГ, односно втечен гас, од САД, Катар и други извори, од гасниот терминал Александропули.
Кога ќе се поврзат точките „Пајат во Софија“, „Урсула фон дер Лајен“ во Скопје со пакет за енергетска поддршка на земјата, станува јасно дека Северна Македонија и регионот се во фокусот на вниманието на САД и на ЕУ во стратегијата за енергетска независност од Русија.
Извор: Цивил Медиа