Цените на гасот и снабдувањето со електрична енергија Русија долго време ги користи за да изврши притисок врз Молдавија. Минатиот месец повторно го направила тоа кога ја намалилa испораката на гас за една третина.
Државната руска гасна компанија „Газпром“ во вторникот ја обвини Украина дека ги задржува резервите на гас наменети за Молдавија и дека од 28 ноември би можела да започне со намалување на испораките на гас за Молдавија што минуваат низ Украина, пишува „Еурактив.ком“.
Наспроти руските обвинувања и напади, Украина негираше дека го задржува рускиот гас наменет за Молдавија.
Случајот со Молдавија, најсиромашната европска земја, покажува како политиката и енергијата речиси секогаш одат рака под рака. Енергетско-политичката криза доведе до зголемени тензии во
Приднестарската Молдавска Република, дел од територијата на Молдавија која прогласи своја проруска држава, иако не е меѓународно призната. Во последните недели имаше и протести против владата, за кои Кишинев тврди дека биле организирани од Кремљ за да се дестабилизира демократијата.
Историски гледано, Молдавија произведуваше само една десетина од електричната енергија, околу 70 отсто доаѓаше од електраната во Приднестровие, а 20 отсто беа увезени од Украина. Украина го прекина извозот минатиот месец делумно поради руските ракетни напади врз нејзината енергетска инфраструктура, а Приднестровие на 1 ноември ненадејно го прекина извозот, наведувајќи го сопствениот недостиг на електрична енергија. Ова создаде драматичен проблем со напојувањето.
Владата одговори со воведување мерки за намалување на потрошувачката и заштеда на енергија. Уличното осветлување беше сведено на минимум, компаниите кои вршат енергетски интензивни процеси мора да планираат да работат надвор од шпицот, а на граѓаните им беше препорачано да не ги користат лифтовите во зградата поради опасност од недостиг на електрична енергија. Молдавија купи и неколку илјади резервни генератори и 200.000 тони јаглен за греење.
Во моментов, Молдавија добива 80 отсто од електричната енергија од европскиот пазар, по цена до четири пати повисока од досегашната. Остатокот доаѓа по намалена цена директно од Романија. Но, со падот на температурите состојбата ќе се влошува.
Европската унија пред две недели објави пакет помош за Молдавија во износ од 250 милиони евра. Сепак, Кишинев посочува дека тоа нема да биде доволно за надминување на енергетската криза и бара од ЕУ уште 450 милиони евра.
Што се однесува до гасот, Молдавија традиционално се потпира исклучиво на увоз на руски гас. Во октомври Гаспром го намали протокот за една третина, на 5,7 милиони кубни метри, наведувајќи ги задоцнетите долгови како причина. Руската државна енергетска компанија, исто така, предупреди дека може целосно да го прекине снабдувањето со гас.
Молдавскиот вицепремиер Андреј Спину изјави дека причините за овој потег на Русија се геополитички.
„Постојат политички интереси на Русија кон Молдавија. Тие не сакаат да продолжиме по патот на Европската унија, туку Молдавија да остане под нивен интерес“, изјави Спину. Тој ги отфрли обвинувањата на Газпром, и во порака на апликацијата Телеграм напиша: „Гаспром ги обвинува Украина и Молдавија за нешто што не се случило“.
Gazprom, again, is threatening ?? to further reduce the flow of gas. They accuse ??&??. To be clear, all allegations are false. Moldova is paying in full all volumes and Ukraine is transiting in full all volumes to Moldova. Gazprom should fulfill its contractual obligations.
— Andrei Spînu ???? (@AndreiSpinu) November 23, 2022
Молдавија е во исклучително опасна ситуација. Енергетски е сиромашна, а зимата само што почнува. Во изминатите 12 месеци гасот поскапе седум пати, а струјата четири пати. Инфлацијата во земјата достигна 34 отсто, а Молдавците се принудени во просек да трошат 70 отсто од приходите на сметки за комунални услуги, што е десет пати повеќе од лани. Непрофитните организации почнаа да делат ваучери за најзагрозените граѓани.
Молдавија, како поранешна советска република, прими повеќе украински бегалци по глава на жител од која било друга земја. Од почетокот на т.н. руска инвазија на Украина, до крајот на мај годинава, во Молдавија влегле околу 650.000 украински бегалци, што е најголем број по глава на жител во Европа. Од нив околу 87.000 бегалци останале таму.
Извор: Бриф