„Фабелманови“ на легендарниот холивудски режисер и продуцент Стивен Спилберг во годинашното издание на филмските награди „Златен глобус“ ја доби наградата за најдобар филм – драма, а во категоријата „мјузикл или комедија“ за најдобар беше прогласен филмот „Баншите од Инишерин“, кој раскажува за крајот на едно машко пријателство на оддалечен ирски остров. Спилберг го доби и Златниот глобус за најдобра режија.
На вчерашното доделување на наградите во Лос Анџелес, Спилберг, чиј филм „Фабелманови“ има многу автобиографски елементи, во својот говор му се заблагодари на семејството.
„Секој ме смета за успешна приказна. Но, никој не знае вистински кои сме сѐ додека не станеме доволно храбри за да раскажеме кои сме“, рече Спилберг.
Во „Фабелманови“, Спилберг го опишува пропаднатиот брак на своите родители, искуствата со антисемитистички мобинг и своите скромни почетоци како режисер на тинејџерска возраст.
Наградата „Златен глобус“ за најдобар актер во мјузикл и комедија ја доби Колин Фарел за глумата во „Баншите од Инишерин“. Награда доби и сценаристот на филмот, Мартин Мекдонах.
За најдобра актерка во категоријата мјузикл или комедија е Мишел Јео. Таа доби „Златен глобус“ за нејзината улога во „Сѐ насекаде и одеднаш“. Во категоријата „драма“ наградата припадна на Кејт Винслет за улогата во „Тар“.
Во категоријата „драма“ за машка улога, „Златен глобус“ доби Остин Батлер за „Елвис“.
Конкуренцијата „споредна улога“ во кој било филмски жанр како најдобри ги прогласи Енџела Басет за улогата во „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“ и Ки Хуј Ќуан за „Сѐ насекаде и одеднаш“
Најдобар филм од неанглиско говорно продрачје е „Аргентина, 1985“, а најдобра телевизиска драмска серија е „Куќата на Змејот“.
Извор: Мета