Признание за банките е дека народот им верува во нивната стабилност. Кога човек ќе ги депонира парите знае дека се на сигурно место. Од друга страна тоа е општествено штедење кое банките треба да го преработат и пласираат. Имајќи предвид дека во банкарската индустрија има вишок на пари истото се случува и во Македонија, изјави во Утрински брифинг, професорот Глигор Бишев, прв човек на Шпаркасе банка.
Од тој аспект банките заедно со компаниите и со малите претпријатија треба да подготват и да најдат здрави проекти за да ги пласираат тие средства и на тој начин да се забрза економскиот просперитет на Македонија, додава Бишев.
Банките го финансираат пред се приватниот сектор, но за да се одржува ликвидноста тие мораат да пласираат средства на т.н пазар на пари, а најголем позајмувач на пари на светско ниво е државата заедно со државните институции – железницата, телекомуникациите …,рече Бишев.
Слична е ситуацијата и во Македонија.
Денеска каматните стапки не се проблем. Тие се најниски на историско ниво. Каматната стапка за обврзницата што ја емитираше Македонија на 7 години на меѓународните финансиски пазари котира со камата 1,1 до 1,2 проценти во евра. Инвеститорите, кредитиниот рејтинг на Македонија го сметаат за исклучително добар.
Проценката е дека економскиот раст се стабилизира. Да се надеваме дека во идниот период преку реализација на структурни реформи ќе се зголемува, вели Бишев.