Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро поднел барање за шестмесечна американска виза, што укажува дека можеби нема намера веднаш да се врати дома, каде што го чекаат одредени правни процедури, јавија денеска американските меидуми.
Веста за поднесување на барањето за виза прв ја објави весникот „Фајненшл Тајмс“, цитирајќи го адвокатот на поранешниот бразилски претседател за имиграциски прашања, Фелипе Алесандро.
Откако американските медиуми стапија во контакт со неговата адвокатска канцеларија, веста беше потврдена.
Болсонаро го напушти Бразил на 30 декември и замина за американската сојузна држава Флорида, само два дена пред да биде инаугуриран неговиот ривал Луис Инасио Лула да Силва.
Една недела подоцна, неколку илјади приврзаници на Болсонаро упаднаа во најважните државни згради, барајќи изборите да бидат поништени и Лула да биде прогласен за губитник на претседателските избори што се одржаа во октомври минатата година.
Во Бразил истражуваат дали Болсонаро имал некаква улога во поттикнувањето на нападите врз претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд на земјата.
Американските медиуми претпоставуваат, иако немаат официјална потврда, дека Болсонаро влегол во САД со виза А-1 што им се дава на шефовите на држави. Во таков случај тој има 30 дена или да ги напушти САД или да го регулира својот статус во Министерството за домашна безбедност.