Заштитата и промоцијата на мајчиниот јазик преку литературата беше темата на втората дебата од серијалот „#Culture Talks“, што ја организираше денеска „Европската куќа“ во Скопје (Europe House).
На дебатата, која се одржа по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, беше истакнато виталното значење на овој ден за промоција и заштита на сите јазици, но, истовремено и за подигнување на свеста за лингвистичката и културна разноликост.
Панелисти на дебатата беа: амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура; Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература; и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик.
Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше посочен проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во контекст на овие активности, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска напомена дека за да ја заштитиме литературата, претходно мора да работиме, да го негуваме мајчиниот македонски јазик, да го сочуваме секој дијалект, секоја буква.
Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство што македонскиот јазик е признаен како официјален во Европската Унија и ги напомена активностите кои се преземаат во насока на негова заштита и промоција.
Tаа нагласи дека годинава во културата се прославуваат неколку значајни јубилеи, и во тој контекст поддржани се неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан нивниот седум децениски јубилеј, како и одбележувањето на 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“.
Министерката за култура се осврна и на поддршката на манифестациите кои имаат огромно значење за промоцијата на нашиот јазик, како што се Струшките вечери на поезијата и Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Таа потсети дека годинава поддршка добиле 500-тини наслови на близу 40 манифестации во издавачката дејност.
Амбасадорот Дејвид Гир истакна дека со задоволство се приклучува, како што рече, на оваа прослава на мајчиниот јазик. Тој додаде дека за него англискиот јазик е мајчин јазик, јазик со кој е лично поврзан и чувствува дека има предност што зборува на јазик кој е широко распространет, исто како што тоа на пример го чувствува некој од Шпанија и слично.
За неговото познавање на македонската литература, амбасадорот Гир рече дека неговите соработници секогаш се трудат да го запознаат со тоа што нему му причинува задоволство. Тој додаде дека македонската книжевност има многу да и понуди на Европската Унија.
„Ваквите настани се фасцинантни и многу излагања овде ми ги отворија очите. Оваа култура има што да каже не само тука, но и во ЕУ“, додаде Гир.
Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура истакна дека нашата литертура опстојува низ минатото без разлика колку бил негиран македонскиот јазик.
Во врска со прашањето зошто малку се изучува македонскиот јазик, Мојсова-Чепишевска рече дека квантитетот не секогаш дава квалитет, а македонскиот јазик треба да го изучуваат оние студенти кои вистински го сакаат јазикот и кои вистински сакаат да го применуваат.
„Македонскиот јазик треба да го учи најдобриот, тој што вистински сака да го учи. Писателите се една добра армија која го чува јазикот, а преку преводот тие стануваат европски автори“, рече Мојсова-Чепишевска.
За лекторатите на македонски јазик во светот, Мојсова-Чепишевска кажа дека имаме десет лекторати, кои имаат образовна и едукативна цел, но остваруваат функција и на културна дипломатија. Таа посочи дека состојбата не е, како што кажа розова, но, не е ни лоша, и дека има напори да се отворат и во Турција и во Кина.
Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература истакна дека активностите на Семинарот за македонски јазик, литература и култура за промоција на македонскиот јазик се навистина значајни, но, како што рече, не може целата борба да падне на грижата на поединци, а за тоа повеќе треба да направи државата.
Андоновски ја истакна потребата од формирање на Агенција за книга која ќе работи на промоција и афирмација на македонската книжевност во светот. Тој ја посочи и важноста од учеството на саемите на книгата, особено на оној во Франкфурт, каде треба да се има поразличен пристап во промоцијата.
Дејан Василевски, лектор по македонски јазик ги сподели своите искуства во однос на примената на македонскиот јазик и додаде дека состојбата со примената во повеќе аспекти е лоша.
„Македонските автори се трудат да пишуваат литературно. За преводите, примената е послаба, според мене тоа е заради ниските цени на преводите. Лоша е состојбата во примената на македонскиот јазик во медиумите и интернет порталите кои речиси и да немаат лектор, се пласираат информации кои воопшто не се лекторирани“, истакна Василевски. Тој додаде дека потребна е поголема контрола на примената на јазикот, и истакна дека тоа ќе се уреди со новиот Инспекторат за примена на македонскиот јазик чие формирање е предвидено со новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик.
Во дебатата свои размислувања на посочената тема дадоа и студенти, новинари, лектори, библиотекари и други.