Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ со уште една поддршка за младешко, инвентивно и корисно ангажирање.
Ива, Матео, Јована, Стефан и Влатко се ученици во кичевското средно општинско училиште „Мирко Милески“, кои заедно со нивниот ментор, професорката по хемија Роза, и стручниот ментор – Софија Стојаноска, го реализираат групниот проект „Од чекор до електрична енергија“.
„Станува збор за проект кој опфаќа поплочување на малиот училишен ходник со специјалните плочки „Pavegen“, кои, со секојдневното чекорење на учениците и вработените во училиштето, ќе овозможат месечно производство на 720 kWh електрична енергија и годишна заштеда од 64.800 денари. Имајќи во предвид дека проект-тимот има на располагање 2000 € од глобалниот проект на УНИЦЕФ-UP-SHIFT, поддржан од Шведската Влада и Фондот за иновации и технолошки развој, а под покровителство на организацијата LEAD (Leaders for Education, Activism and Development), нашата Фондација одлучи, со дополнителна финансиска донација да ја помогне целосната реализација на овој проект.“
„Браво за кичевските средношколци и нивните ментори. Тие заслужуваат честитки и безрезервна поддршка за проектот „Од чекор до електрична енергија“, особено што истиот го реализираат во време на глобална енергетска криза“, наведуваат од Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“.