Томи Хас, директорот на турнирот во Индијан Велс, сè уште жали што Новак Ѓоковиќ не игра на тој настан од Мастерс серијата.
Светскиот рекет број еден беше спречен да дојде во Калифорнија, бидејќи САД сè уште не дозволуваат невакцинирани странци да влезат во земјата.
„Разочарувачки. Мислам дека Америка е единствената земја која сè уште има ограничувања дека не можете да влезете во земјата ако не сте вакцинирани“, рече Хас, додавајќи:
„И други професионални спортисти ширум светот избраа да не се вакцинираат. Тоа мора да го оставиме на страна и само да ги оставиме да играат. Не ја гледам поентата, многу сум разочаран што не е тука. Многу луѓе од светот на тенисот и ние како турнир се обидовме да го натераме Ѓоковиќ да игра тука, но залудно. Тој е најдобриот играч на светот. Мислам дека тоа е тажно. Ми напиша дека би сакал да биде тука“.
Ѓоковиќ се обиде да добие ослободување за влез, но неговото барање беше одбиено. Новак пет пати славеше во калифорниската пустина, а последен пат играше во 2019 година.