Значајниот јубилеј за македонистиката и за македонската држава и култура – 50 години од отворањето на најстариот активен лекторат по македонски јазик во светот – Лекторатот по македонски јазик во Париз, утре ќе се чествува со голем меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО). На симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети. Почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура од Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, заедно со македонските учесници ќе ја испратат пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следат.
Со организацијата на овој меѓународен симпозиум по повод големиот јубилеј, ИНАЛКО во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), истовремено остваруваат валоризација на постигнатото во изминатите пет децении и влог во ново поглавје на афирмирањето на македонските културни вредности и на развивањето на научниот интерес за македонистиката во Франција и воопшто на меѓународен план. Самиот факт што јубилејот се чествува со меѓународен собир од ваков формат, со учесници од повеќе земји, укажува на значајноста со која присуството на македонистиката во Париз и ширум светот се согледува не само во билатералната соработка меѓу ИНАЛКО и МСМЈЛК при УКИМ туку и пошироко, во меѓународни академски и културни рамки.
Со програмата на Симпозиумот се предвидени три тркалезни маси, при што една од нив ќе биде посветена исклучиво на македонистиката во Франција. На неа ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО. Со свои излагања ќе учествуваат и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монтпелиер 3″. Токму на оваа тркалезна маса, покрај изнесувањето научни согледби и презентирањето резултати од истражувања, со видувањата за перспективите на македонистиката на ИНАЛКО во Париз се очекува во дискусијата да се поттикнат и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, како влог во развојот на македонистиката.
Две тркалезни маси на Симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов – 50 години Лекторат по македонски јазик на ИНАЛКО во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера, на Светскиот ден на позијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Најавено е учество и на видните странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси ќе учествуваат и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција.
Во овој дел на сипозиумот ќе учествуваат и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова.
Од Симпозиумот ќе бидат изнесени и заклучни согледби кои се очекува да се однесуваат и на трасирањето на патот на македонистиката во Франција во следниот период.
Во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичкарка, Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура). Со овој концерт и со посветеноста и на делото на Шопов на Симпозиумот, на ИНАЛКО, преку ова чествување ќе се оствари влог и во афирмацијата и поттикнувањето поширок интерес за македонските книжевни и културни вредности воопшто.
Поддржувачи на организацијата на Симпозиумот се и МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија”.
Организацијата на меѓународен симпозиум од ваков формат во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик е уште една потврда за добрата соработка меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО и укажува на респектабилноста кон македонистиката на овој престижен високообразовен центар во Франција и воопшто во француската академска заедница. Впрочем, минатата година, македонистиката и официјално беше препознаена како ретка научна дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување. По одлука на научна комисија, прифатена беше иницијативата македонистиката да биде вклучена во француско-германскиот проект за мапирање ретки дисциплини во Франција и во Германија. Ознаката „ретка дициплина” гарантира: признавање, заштита, можно проширување на студиите и зачувување на македонистиката во ИНАЛКО, со неможност да се спои со други студии.
Во рамките на чествувањето на јубилејот, една од пораките кои МСМЈЛК при УКИМ ги упати досега е дека по оствареното во изминатите 50 години треба да се вложува во она што треба да се случи во годините што следат. Во иднината на странската македонистика и на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на ИНАЛКО. Затоа што иднината треба да ја создадеме во сегашноста, како што е нагласено во пораките на МСМЈЛК при УКИМ.
Организацијата на овој Симпозиум е и влог во иднината на странската македонистика и особено во иднината на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на ИНАЛКО.
Инаку, по отворањето на Лекторатот во Париз пред 50 години следеше засилено присуство на македонскиот јазик, литература и култура во наставата на странските високообразовни институции.