Нашиот фокус треба да биде кон тоа каква држава и иднина сакаме да имаме и како што побргу да стигнеме до полноправно членство во Унијата. Од тука, светлото на крајот од тунелот е прво до декември оваа година да го отвориме првиот кластер Фундаменти или Темели, и да се зафатиме со „чистење“ на државата од корупција и организиран криминал, вели во разговор за „Локално“ државниот советник за европски прашања, Драган Тилев кој во моментов е во Брисел, каде учествува на билатералниот скрининг со ЕУ.
„Со отворањето на овој клучен кластер ќе влеземе во стандардна траекторија на пристапните преговори, и од тогаш натаму се ќе зависи од нашите политички лидери и нивната демократска способност, како и од капацитетите и компетентноста на нашата администрација, рече Тилев, кој објасни и како тече билатералниот скрининг во Брисел: „Скринингот, објаснувачкиот и билатералниот, тече непречено од средината на минатата година и ќе трае до ноември оваа година, со целосна вклученост на нашата администрација. За сега, имаме причини да бидеме задоволни“.