Во последен момент, откако се отварија вратите на салата за пленарни седници, пратениците добија известување дека седницата за Законот за Јавното Обвинителство се одложува за во 18:00 часот.
Повеќе информации не откри никој, а неофицијално почнаа да кружат неколку сценарија вклучувајќи ја и можноста за повлекување на предложениот текст за што дознаваме дека има барање од одредени пратеници.
Според информациите кои кружат низ ходниците на законодавниот дом, потребни се дополнителни консултации за да се убедат пратениците кои денеска и официјално се изјаснија против текстот кој Владата вчера му го предложи на Собранието.
Алијансата за Албанците и Беса се против членот 110 кој предвидува прислушуваните материјали да не бидат доказ за отварање на нови предмети после јуни 2017 година. Пратениците од овие партии, Сурија Рашиди и Фадил Зендели обвинија дека со законот се дава амнестија на криминалците. Со сомневања кон законот излезе и владиниот партнер ДУИ, по што немаше конечна одлука дали ке го поддржат или не предложениот текст на Законот за ЈО.
А. Зеќири