Синдикатот на Медиумски Информативни Агенции – СМИА бара од Владата зголемување на платите на вработените во МИА согласно Колективниот договор и усогласено со трошоците на живот, додека од министерот за финансии Фатмир Бесими бара да ги одобри барањата а вработување на хонорарните соработници за кои Агенцијата има средства.
– Изминатиот период по разни основи Агенцијата ја напуштија повеќе лица поради што МИА се соочува со сериозен недостиг на новинарски кадар со што се доведува во прашање навремено известување во државата. Ако образложението на министерот Бесими беше дека ги зголемува платите од 30 проценти во Министерството за финансии поради одлив на кадар, во МИА истиот проблем ќе се рефлектира врз намалување на продукцијата, односно ќе се намали објективното информирање на јавноста и ќе се отвори простор за ширење на дезинформации, се наведува во барањето на Синдикатот.
Од СМИА посочуваат дека и покрај одлуката на Владата да ги врати парите на МИА за дописниците, тоа се уште не сторено. Дополнително, новинарите на МИА повеќе од две години работат во привремени адаптирани простории, по пожарот во зградата во која се наоѓаат просториите на Агенцијата.
– МИА во континуитет изминатите години ја зголемува продукцијата со што овозможивме, пред се, заштита од ширењето дезинформации и лажните вести, што е од големо значење во овие времиња на економска и енергетска криза, кибер војна, се додава во соопштението на Синдикатот.