„Пред потпишувањето на општиот колективен договор и во текот на овие неколку години, колку што траеја преговорите, наместо само со репрезентативниот синдикат, ние разговаравме со сите синдикати. На состанокот што го имавме во Министерството за финансии, каде ги усогласивме најголемиот дел од одредбите и на прес-конференција беа присутни сите синдикати и сите си подадовме рака за она што го заклучивме“ рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Само вистина“ на Канал 5.
Таа додаде дека по подавањето рака и прес-конференција, можеа претставниците кои не се задоволни да кажат дека не се задоволни, но и тие дале поддршка на тоа што се кажало и се согласиле со колективниот договор.
„Претставникот на КСС можеше да каже дека не е задоволен. Но тој стоеше и даде поддршка на тоа што го кажавме ние. Се согласи со се. Не даде изјава дека не се согласува, а следниот ден рече дека не се согласува со договореното“ рече Тренчевска.
Министерката кажа дека потоа овие синдикати не учествувале во работната група и на состаноците каде се финализирал текстот на колективниот договор, туку се обраќале само пред медиумите.
„Нема да навлегувам во причините за незадоволството, тоа треба да си кажат КСС и СОНК, но на ова покачување не треба да има незадоволство“ рече Тренчевска.
Таа објасни дека со новиот колективен договор се креира систем за плати, според кој платите во јавниот сектор ќе растат согласно растот на просечната палта, без разлика на тоа кој е министер или премиер.