Најмалку 73 лица загинаа, а 52 се повредени во пожарот во петкатната зграда во која живеат бездомници во Јоханесбург, Јужна Африка, соопштија денеска службите за итни случаи.
Некои луѓе кои живееле во зградата во најголемиот град во Јужна Африка скокнале од прозорците за да се спасат од пожарот што избувна рано утринава, а некои загинаа, изјави претставник на локалната власт. Меѓу жртвите има и седум деца, од кои најмалото е едногодишно дете, изјави портпаролот на итната помош.
Пожарникарите одат од кат до кат и досега се пробиле до третиот од петте ката на зградата, објави Скај њуз, наведувајќи дека пожарот е изгаснат, но сè уште излегува црн чад.
Официјални претставници рекоа дека десетици луѓе се повредени и очекуваат бројот на жртви да се зголеми бидејќи повеќе луѓе се заробени во зградата.
Според очевидци, во зградата веројатно живееле најмалку 200 луѓе кои нелегално се вселиле.
Причината за пожарот засега не е позната.