Интернет гигантот Гугл денеска започнува маратонска правна битка пред федералниот суд, каде што се соочува со обвинувања од американската влада дека постапил незаконски за да стане водечки пребарувач во светот.
Во текот на 10 недели, со повеќе од 100 сведоци, Гугл ќе се обиде да го убеди судијата Амит П. Мехта дека големата правна постапка иницирана од Министерството за правда е неоснована.
Судењето во судницата во Вашингтон е најголемиот антимонополски случај на САД против голема технолошка компанија откако Министерството го гонеше Мајкрософт пред повеќе од две децении поради доминацијата на неговиот оперативен систем Виндоус.
Случајот на Гугл се заснова на тврдењето на владата дека технолошкиот гигант неправедно се стекнал со доминацијата на својот интернет прелистувач преку склучување ексклузивни договори со производители на мобилни уреди, телеоператори и други компании, што ги остави конкурентите без можност за пазарна конкуренција.
Плаќајќи милијарди долари годишно на Епл и други компании, Гугл го обезбеди својот статус на стандарден пребарувач на телефоните и веб-прелистувачите и наводно ги задушува новите компании пред да имаат шанса да се развиваат.
Таа доминација ја направи Алфабет, холдинг-компанијата која е сопственик на Гугл, една од најбогатите компании во светот, а рекламите за пребарување генерираат 60 отсто од нејзиниот приход, многу повеќе од другите активности на компанијата, како што се Јутјуб или уредите со оперативен систем Андроид.