Учесниците на арапско-исламскиот самит во Саудиска Арабија денеска повикаа на прекин на војната во Газа, отфрлајќи какво било оправдување за израелските акции против Палестинците како самоодбрана, пишува Ал Џезира.
Самитот ја осуди „израелската агресија врз Појасот Газа, воените злосторства, како и варварските и нехумани масакри извршени од окупаторската власт“, се вели во завршната изјава.
Во декларацијата се повикува на прекин на опсадата на Газа, се повикуваат властите да овозможат испорака на хуманитарна помош во енклавата и да се запре извозот на оружје за Израел.
На барање на Палестинците и Саудиска Арабија, лидерите на 22 земји од Арапската лига и муслимански држави се собраа во Ријад, каде првпат допатува иранскиот претседател Ебрахим Раиси и ги повика муслиманските земји да ја прогласат израелската армија за „терористичка организација“.
И земјата домаќин Саудиска Арабија и муслиманските земји повикаа на итен прекин на воените операции во Газа и го наведоа Израел одговорен за „злосторства“ против Палестинците.
Некои земји, како Алжир и Либан, предложија прекин на економските и дипломатските односи со Израел и суспендирање на испораката на нафта за Израел и неговите сојузници, наведуваат дипломати.
Таквиот предлог беше отфрлен од најмалку три земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои ги нормализираа односите со Израел во 2020 година.
Саудиска Арабија, која одржува блиски врски со САД, а пред 7 октомври презеде чекори кон нормализирање на односите со Израел, стравува дека може да стане мета.
Израел и неговиот главен сојузник САД досега ги отфрлаа повиците за прекин на огнот во Газа.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека треба да се свика меѓународна мировна конференција за да се најде трајно решение за конфликтот меѓу Израел и Палестинците.
„Не ни требаат неколкучасовни паузи во Газа, туку ни треба траен прекин на огнот“, истакна Ердоган во обраќањето на вонредниот самит во Ријад.
Г. Т.