Културата заедно со науката и образованието ја имаат силата преку мултидисциплинарен пристап да дадат драгоцен придонес за справување со глобалните предизвици, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на меѓународен научен собир чиј домаќин и организатор е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Во своето обраќање пред академскиот аудиториум, Костадиновска – Стојчевска нагласи дека културата го облагородува секое општество, ги поврзува и спријателува народите, има активистичка улога по сите прашања што го засегаат светот, и затоа има значајна улога во спроведување на целите на Обединетите нации до 2030 година.
– Научните достигнувања, творештвото во културата, културните добра и едукацијата се области кои го обединуваат човештвото. Тоа се области кои не познаваат граници, а се моќна алатка за справување со предизвиците во денешнината како сиромаштијата, климатските промени, војните и поделбите. Културата го облагородува секое општество, ги поврзува и спријателува народите, има активистичка улога по сите прашања што го засегаат светот, и затоа има значајна улога во спроведување на целите на Обединетите нации до 2030 година, истакна Костадиновска-Стојчевска.
– Научниот собир на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“ е со меѓународен предзнак, а трудовите ќе се објават во универзитетското списание „Хоризонти“, посочи проректорот за наука Горан Илиќ.
-Со учество на профили од различен тип на научници, конференцијата на УКЛО треба да обезбеди дискусија и да се извлечат резултати и заклучоци кои ќе имаат за цел утврдување на начините за исполнување на целите на Обединетите нации. На конференцијата учествуваат 20 научници, меѓу нив и светски реномираните професори Ентони Голд од Универзитетот Лавал од Канада и Метју Хал од Универзитетот во Вирџинја, САД, истакна Илиќ.
Меѓународниот научен собир е во рамки на активностите со кои се одбележува Светскиот ден на науката.