Заедничка кородинација на владите на Северна Македонија и Унгарија во насока на превземање на конкретни активности за обезбедување на енергетска безбедност на двете земји и сигурност во снабдувањето со гас, била договорена на денешниот работен состанок на министерот за економија Крешик Бектеши со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
Тема на состанокот на кој присуствувале и генералниот директор на АД НОМА Гас, Бајрам Реџепи и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, како што соопшти Министерството за економија, била таксата за руски гас која што ја наметна Република Бугарија.
Двајцата министри разговарале за следните чекори кои што ќе се преземат со цел отстранување на таксата на руски гас што ја наметна Бугарија, која како што се согласиле, е нелегална и е непријателски чин.
-Целосно сме посветени во решавање на проблемот кој го наметна Бугарија со воведување на такса на рускиот гас и изнаоѓање на заедничко решение преку координирани активности на сите засегнати страни. Северна Македонија ги поддржува сите иницијативи за решавање на настанатиот проблем, истакнал Бектеши на состанoкот.
Министерот Бектеши и министерот Сијарто се согласиле дека дивиерзификација на изворите за снабдување со гас се крајна цел на која двете земји ќе работат заеднички во наредниот период.
Унгарија е помеѓу првите 10 трговски партнери на Северна Македонија и како што истакнува Министерството за економија, е значаен политички и економски партнер и странски инвеститор во земјата, со нагорен тренд на трговската размена и континуиран суфицит на извозот од наша страна.