Австралискиот тенисер Џордан Томсон ги развесели своите навивачи, а растажи милиони кои навиваа за Рафаел Надал, совладувајќи го попладнево Шпанецот со 5-7, 7-6, 6-3 во четвртфиналето на АТП турнирот во Бризбејн.
Томсон, рангиран на 55 место на АТП листата, спаси три меч топки во дуелот против Надал кој траеше речиси три и пол часа.
Австралискиот тенисер утре ќе се обиде да дојде до своето трето поединечно АТП финале во кариерата, а противник ќе му биде Бугаринот Григор Димитров, кој лесно во четвртфиналето го совлада домашниот претставник Ринки Хиџиката со 6-1, 6-4.
Во второто полуфинале ќе играат првиот носител Каспер Руд од Норвешка и Русинот Роман Сафјулин.