Како предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на денешната владина седница ја прифатила Информацијата за обезбедени грант средства за подготовка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки во Националната мрежа за наводнување.
– Станува збор за грант средства во рамки на Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија, во вредност од 765.158,00 евра, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Реализацијата на активностите предвидени со грант средства, се посочува во соопштението, е поделена во неколку фаза. Првата фаза предвидува идентификување на локации за поставување на пловечки фотоволтаични постројки. Потоа, втората фаза опфаќа развој на концептен дизајн и физибилити студија, а третата фаза предвидува подготовка на предлог проекти за поставување на пловечки фотоволтаични постројки.
– Употребата на ваквата технологија Пловечки фотоволтаици се користи во неколку земји од Европа, како на пример Шпанија и Белгија, а изведените пловечки соларни постројки се главно искористени во Секторот за наводнување и управувани од соодветните организации за наводнување, што му овозможува на земјоделскиот сектор да биде независен и поодржлив, се вели во соопштението.
Преку овој проект, посочуваат од МЗШВ, дополнително вложуваме во развој и модернизација на системот за наводнување на земјоделското земјиште, директно помагајќи го производството на секој еден земјоделец.