Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
Поимот „планетарно порамнување“ не треба буквално да се разбере од причина што планетите никогаш нема да бидат наредени во совршена права линија во вселената, но во одредени интервали се појавуваат блиску една до друга на небото, видени од нашата земјина перспектива. Утрото на 27 јануари, Марс, Венера и Меркур ќе се порамнат на утринското небо, и потоа во 2040 треба да се случи едно од догоочекуваните порамнувања на Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн.
Покрај космичко – астрономските порамнувања има и политички. Притоа, можно е политичката планета Македонија да се порамни со политичката планета Европа, во 2030 година, под услов самите да не ја нарушиме сопствената политичка ротација и гравитација.
Сега, додека ние хелиоцентрично сме преокупирани со политичката сцена на планетата Македонија која влегува во период на загревање за претстојните собраниски и претседателски избори, со објективен ризик за прегревање, барем за момент да погледнеме што се случува на политичката сцена во сѐ пооддалечената за нас планета Европа.
Доколку гласањето за пратеници во Европскиот Парламент се случеше мината седмица, него ќе го сочинуваа: Европската народна партија со 171 пратеник (групацијата бележи умерен пораст за еден квартал); Социјалистите и демократите со 141 пратеник (консолидирани во изминатиот квартал); Идентитет и демократија – групација составена од националистички, десничарско популистички и евроскептични партии од осум европски држави, каде најсилна е Лига за Салвини, Националниот фронт на Марин Ле Пен и Алтернативата за Германија, со 91 пратеник и со најголем пораст во споредба со останатите групации во изминатиот квартал, следени од Обнова за Европа – европските либерали и либерал демократи предводени од Макрон кои се консолидирани на 82 пратеници и групацијата на европски конзервативци и реформисти со 78 пратеници и со благ пад на популарноста, сочинета од 20 партии во 16 држави меѓу кои највлијателни се ВОКС во Шпанија и Партијата на законот и правдата во Полска. Европскиот Парламент би го сочинувале и уште четири помали групации меѓу кои Зелените и крајната левица, со популарност од 32 – 43 пратеници или вкупно 157 пратеници.
Ваквиот резултат би осигурал континуитет на владеење на умерената европска народна партија со социјалистите и демократите, и либералите, поради повеќе од двојно поголема група на пратеници во споредба со двете разединети групации на крајната десница. Следствено и проценките дека со голем степен на веројатност, клучните функции во постизборната ЕУ би ги задржале Германката Урсула фон дер Лејен како претседателка на Европската комисија и Малтежанката Роберта Мецола како претседателка на Европскиот парламент, обете и припаѓаат на Европската народна партија, и би дошло до две замени на позиции, данската премиерка Мете Фредериксен (социјал демократ) би станала претседателка на Европскиот совет, а естонската премиерка Каја Калас (либерал) би ја превземала функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност (шеф на европската дипломатија). На оваа четворка треба да се додат и Кристин Лагард на чело на Европската централна банка (ЕЦБ) на предлог од Макрон (нејзиниот мандат трае до 2027 година) и Надија Калвино, која од неодамна е на чело на Европската инвестициска банка. Интересна еднородова констелација во која шест жени би биле порамнети на сите најмоќни позиции во ЕУ.
Измината седмица, на 17 јануари, Урсула фон дер Лејен во својство на Претседателка на Европската Комисија имаше значајно обраќање во Европскиот Парламент кое помина претежно незабележано во нашите медиуми, и кое беше фокусирано на заклучоците од одржаниот Европски совет на 14 – 15 декември минатата година, но и на неколку клучни теми во пресрет на специјалниот состанок на Европскиот совет закажан за 1-ви февруари. На почеток на обраќањето, беше потенцирана наредната година како глобалната година на избори во услови на две крвави војни кои продолжуваат да беснеат надвор од границите на ЕУ и предизвикуваат огромно човечко страдање, покрај повеќекратната енергетска и прехранбена криза и предизвици во глобалната трговија. „Нашиот свет е во ера на конфронтации и конфликти, на фрагментација и страв“ нагласи Фон дер Лејен со заложба за обединување: „Горда сум што нашата Унија одговори на повикот на Украина. Сега мора да се надоврземе на политичката ситуација и одлуката што ја донесовме на Европскиот совет. Во подготовките за пристапните разговори, го започнуваме процесот на скрининг и сега ја составуваме преговарачката рамка. А во меѓувреме, ќе почнеме да работиме и на сопствени реформи за да се подготвиме за Унија од 30 плус земји-членки. На последниот Европски совет, се договоривме и да започнеме пристапни преговори со Молдавија и со Босна и Херцеговина, кога ќе се исполнат потребните критериуми. На Грузија и дадовме кандидатски статус и ја потврдивме нашата колективна посветеност на иднината КАДЕ ШТО СИТЕ ШЕСТ ПАРТНЕРИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ ДЕЛ ОД НАШАТА УНИЈА“.
Овие неколку пасуси од обраќањето на Претседателката на ЕК јасно ја обликуваат политичката платформа врз која со голема веројатност ќе продолжи да делува Европскиот Парламент, но и другите клучни институции на ЕУ. Оттаму и релевантноста на прашањето што би добиле, а што ризикуваме да изгубиме од подрастична промена на нашата политичка ротација и гравитација.
Објективен ризик е оддалечувањето од ЕУ наспроти порамнувањето, да ги продлабочи етничките тензии кај нас, имајќи предвид дека тензиите особено меѓу Македонците и Албанците претставуваат клучен ризик за политичката стабилност на Републиката.
Објективен ризик е оддалечувањето од ЕУ наспроти порамнувањето, да ги продлабочи етничките тензии кај нас, имајќи предвид дека тензиите особено меѓу Македонците и Албанците претставуваат клучен ризик за политичката стабилност на Републиката. Од друга страна, јасен и недвосмислен исчекор кон ЕУ значајно би ја зајакнал внатрешно политичката стабилност. Дури и за момент да ги потиснеме настрана меѓуетничките односи и поврзаните ризици, одложувањата или назадувањето во процесот на пристапување ќе предизвика генерална фрустрација и незадоволство кај населението поради извесно уназадување на социо-економскиот просперитет и благосостојба, имајќи ја предвид структурната економска поврзаност со ЕУ, директните инвестиции и ослонувањето на грантови и поволно кредитирање во целиот период од независноста наваму. Инвестициите на тековните и потенцијалните странски и домашни инвеститори неминовно е дека ќе станат поскапи поради политички ризици и лесно може да се случи, таква состојба да биде фактор на одвраќање на инвеститорите со сите економски последици. Бавниот економски раст кој е наша повеќедецениска одлика е истовремено континуиран политички ризик, кој не треба да се потценува. Впрочем доволно е да се согледаат миграциските текови и начинот и правците на нивно одвивање. Од друга страна, во самото предворје сме на можноста за апсорбирање на значајни средства од Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан.
Ние како избирачи, треба да ги потсетиме партиите на основните цели на мандатот кој им го доверуваме на изборите и нашата поддршка да ја условиме со понуда на демократски политики и решенија кои водат кон стабилност, поголема сигурност и просперитет.
Понатаму, без решителен исчекор во преговорите и отворање на кластерот на поглавја за владеење на правото нема да можеме ефикасно да се бориме со корупцијата која предизвикува широко јавно незадоволство, и ако остане неефикасно адресирана како девијантен феномен, може да доведе и до уште позначајна политичка нестабилност. Слабостите во клучните институции, како што се судството или органите за спроведување на законот, може да го поткопаат владеењето на правото и да придонесат за политички ризици.
Нема да погрешиме ако причината за овие политички ризици ја атрибуираме на драматичната политичка поларизација кај нас, која во континуитет го попречува ефективното владеење. Нашите политички партии наместо да бидат дел од решенијата најчесто се дел од проблемите. Разочарува немањето на добра воља и ориентациска свест како и подготвеност во еден деликатен и опасен период кој многу прецизно го опишува Урсула фон дер Лејен, да се изнајде заеднички јазик. Доколку ваквото однесување на партиите продолжи и во наредниот период, тие сами по себе ќе прераснат во крупен фактор на внатрешна нестабилност и предизвик за управување со државата, наместо да си ја вршат основната демократска функција, односно да бидат фактор на стабилност и добро демократско владеење. Затоа ние како избирачи, треба да ги потсетиме партиите на основните цели на мандатот кој им го доверуваме на изборите и нашата поддршка да ја условиме со понуда на демократски политики и решенија кои водат кон стабилност, поголема сигурност и просперитет.
Изодување на овој стратешки пат под овие неповолни и ризични околности бара умереност и широк политички консензус за решителен и брз исчекор во преговорите за пристапување во ЕУ.
Преземено: Рацин.мк