Движење ЗНАМ – За наша Македонија в недела од 13 часот во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за Парламентарните избори. На прес-конференција нив денеска ги соопшти Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ, кој рече дека органите на партијата, нејзините извршен и централен одбор, вчера со акламација ја донеле одлуката за нивниот избор.
Двајца носители на листи се потпретседатели на партијата на Максим Димитриевски. Листата во Петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог, а носител на листата во Изборната единица 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки.
Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.
Носител во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП Чистота и зеленило во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град.
Во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица. За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски, правник и претседател на ОО на ЗНАМ во Тетово.