Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против три физички лица за сторено кривично дело Измама од чл.247, а во врска со соизвршителство по чл. 22, помагање по чл. 24 и продолжено кривично дело по чл. 45 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.
Имено, во периодот од 2019 до 2022 година, во Скопје, првопријавеното лице, помогнато од второпријавеното и третопријавеното лице, лажно претставувајќи се, со намера да прибават противправна имотна корист, го довеле во заблуда оштетеното лице, на начин што искористувајќи го трајниот однос и околности, по претходно смислен план, со лажно прикажување и прикривање на факти за неговата и здравствената состојба на членови на потесното семејство, болести и смрт на лица, тешки финансиски состојби, лажно киднапирање, во повеќе наврати го навеле оштетеното лице да исплати парични средства на име помош за погреб, трошоци за операции, плаќање на откуп за киднапирано лице и други невистинити основи, кои достигнале вредност во вкупен износ од 3.557.864 денари, држејќи го во заблуда оштетениот дека паричните средства ќе му бидат вратени со продажба на недвижен имот стекнат од наследство.