„Горди сме на тоа што ни го оставија Илинденците и многу често знаеме и да го читаме и да го цитираме Крушевскиот манифест. Но, овие од ДПМНЕ а сега можам да кажам и трговците од ЗНАМ не го разбираат Крушевскиот манифест не е лектира за да го прераскажете. Крушевскиот манифест не е алатка за да дојдете на власт. Тоа е мудрост испишана на јазик кој обединува. Тоа е повик за напредок и иднина. Тоа е повик да се биде храбар и одлучен, но пред се искрен. И затоа сме искрени. Искрени сме кога ги признаваме грешките. Но, и нудиме решенија како да ги поправиме. Искрени сме кога велиме дека се грижиме за минатото и го чуваме националниот идентитет и затоа денес македонскиот јазик е признат во сите документи на европската Унија и во НАТО. Искрени сме и кога велиме дека ја сакаме Македонија. Погледнете ја денес македонската армија“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска, коносителка на ИЕ 6 во своето обраќање на митингот во Крушево.
Таа подвлече дека платите во армијата повеќекратно зголемени и се повисоки од просечната плата.
„Секој ден реновираме објект. Набавуваме и нова опрема. Се вработуваат млади војници и офицери. Се менува ликот на современа армија. Како што велат – пред фактите и боговите молчат. За седум години, владата на СДСМ во армијата вложија повеќе од една милијарда евра, пари за граѓаните и за државата, а ДПМНЕ крадеа и изградија Бела палата за себе. Го избришаа името Македонија од нивниот статут. Ова не е патриотизам“, потенцираше Петровска.
Таа додаде дека денес навршија 23 години од загинувањето на припадниците од безбедносни сили кај Вејце.
„Загинаа затоа што ДПМНЕ тогаш, а за жал и денес, посакува војна. Цели 11 години беа власт, но не се сетија да изградат достоен споменик на овие бранители. Ама затоа изградија споменици и Скопје го излепија со барок. Искрено се поглонувам пред делото на загинатите започнав постапка за изградба на споменици на местата на кои загинаа и тоа ќе го направам“, потенцираше Петровска.
Таа додаде дека е горда што е македонка и затоа нема откажување од иднината.