Поранешниот претседател Стево Пендаровски се откажа од правото на користење државна пензија, и одлучил да и се врати на академската кариера.
– Кaко поранешен претседател, Пендаровски нема да ја користи државната пензија која му следува по закон, затоа што веќе се врати на својата академска кариера како професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, соопштија за Цивил Медиа од неговиот тим.
Претставници на Министерството за внатрешни работи ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки што ги прават.
Пендаровски ќе користи и канцеларија со тројца вработени од неговиот поранешен кабинет.
-Во однос на административната и логостичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател, се посочува во изјавата.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима шефот на државата, на канцелариски простор со најмногу тројца стручни соработници, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.
Со оваа одлука, Пендаровски е првиот претседател на државата кој се откажал, односно нема да ги користи привилегиите по завршување на мандатот, како што тоа го прават сите негови претходници.
На 14 мај 2019 година, ЦИВИЛ ја започна Иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите. Иницијативата #КрајЗаРасипништвото ја поддржаа шест илјади граѓанки и граѓани во онлајн петицијата што ја започна организацијата.
Иницијативата започна со соопштение на ЦИВИЛ, за потоа, организацијата, во присуство на голем број медиуми, да достави барања до парламентот на 17 мај, во пет минути до 12 часот.
“ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од законодавната и извршната власт да стават крај на расипништвото и повластиците во кои уживаат функционерите. Почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.“, се наведува во соопштението на организацијата од 14 мај, 2019 година.
На 5 јуни 2019 година, ЦИВИЛ одржа јавна трибина „Крај за расипништвото“, на која граѓанките и граѓаните имаа можност подетално да се запознаат со барањата на организцијата кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери.
„Нашите барања не се однесуваат само на поранешниот претседател, туку на сите поранешни и сегашни функционери. Нашата иницијатива се однесува на сите кои се и имениувани и избрани, на сите функционери во администрацијата, односно на сите што се во ситуација да троат јавни пари или да искористуваат јавно добро или да употребуваат или злоупотребуваат службена положба на локално или државно ниво. Нашата иницијатива, исто така, не се однесува само на апанажи или пензии туку на повеќе области од трошењето на јавните пари“, изјави Дерала.
Подолу се поместени барањата на ЦИВИЛ и на граѓанската работна група:
- Укинување на апанажите на било кое ниво, за било која позиција.
- Укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век.
- Укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена.
- Укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени. Бараме укинување на сите привилегии што се поврзани со користење службени возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии.
- Драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз.
- Да се воспостави пракса на забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа.
- Укинување на дискреционите овластувања на функционерите.
Неколку политичари, меѓу кои и Претседателот Стево Пендаровски, ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата. Државната Комисија за спречување корупција во февруари 2020 година на јавна седница ги разгледа и анализираше патните трошоци на пратениците за периодот од 2015-2019 година.
Од почетокот на иницијативата на ЦИВИЛ, од Собранието не е добиена поддршка.
Правата кои произлегуваат од највисоката државна функција ги користат поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.
Дијана Тахири / Цивил Медиа