Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА
Откако Ацо јави дека купил стан во Санта Марта и дека планираат со Весна последните сто години од животот да ги поминат во оваа волшебно колумбиско место на брегот на Атлантскиот океан, престанав да мислам дали вмро ќе го собори Преспанскиот договор, дали ќе ја ослободи Македонија од албанското ропство, дали ќе формира влада и дали ќе воведе диктатура, односно дали мислат да ме стрелаат или да ми се фатат за курот, понеже стрелањето е еднократен чин, а во фаќањето на мојата машкост можат да уживаат, па да не претерам, најмалку уште десетина години.
Престанав да се интересирам што ќе сади Гордана во дворот на Водно, дали со гостинките и членовите на кабинетот плетат волнени чорапи за бранителите или ги везат „Коњите на поило“ и „Тајната вечера“.
Значи, Македонија сосема исчезна од моите мисли и интереси понеже по цел ден фатив да листам стари атласи, да го вртам светлечкиот глобус и да барам детали за Санта Марта на интернет.
Демек за „најубавиот град на светот“ кој Ацо го беше опишал така заводливо и неодоливо:
Најубаво и најбезбедно место, зад тебе импресивни планини и шуми, пред тебе палми, кристално море и најубави плажи.
Марта била најефтин град за живеење: Ручек за двајца во средна-класа ресторан чинел околу 7-8 евра… Во продавница со едно евро можеле да се купат 3 кг. банани, или 3 пива, или 5 чоколади од по 100 г., или 2 кг. убави и крупни мандарини итн.
Колумбија за период од 10 години го зголемила Националниот доход по жител за речиси 4 пати и е на високото 22 место на листата на држави со најдобро здравство, според СЗО.
Просечната животна старост во Колумбија е над 78 години, што е за околу 5 години повисока од просечната животна старост во Македонија.
Во тие пресметки, тука можам секој момент да умрам, а таму би имал минимум уште шест години.
Условите за нов бизнис биле меѓу најдобрите во светот, а при купување на недвижен имот, купувач од странство имал дополнителни трошоци (даноци, адвокатски и нотарски трошоци итн.) од вкупно само 1.65% од вредноста на имотот.
За туристи од Македонија не била потребна виза за влез во Колумбија.
Колумбија, пишува Лукароски, одамна не е држава каква што ја знаеме од филмовите за Пабло Ескобар и за другите нарко-дилери.
Во последните години, Колумбија е неколку пати прогласувана за најсреќна нација во светот. На последната објавена листа се наоѓа на второ место, веднаш после Фиџи.
И најважното за Колумбија… Во оваа држава се најубавите девојки во светот… Блиску до нив се само девојките од Венецуела, а потоа, сите други заостануваат многу зад овие две држави…
Ацо тоа го проверил и јас му верувам.
И, најважното за Санта Марта…
Стан или куќа во овој град може да се купи и за 10-тина илјади евра… А за 30-40 илјади евра може да се најде многу убав стан, во убава ареа…
Ацо купил стан за 32 илјади евра.
Веднаш му јавив за мене да купи гарсоњера од дваесет и пет квадрати за 10.000 евра.
Така што, драги мои, нашата разделба се ближи. Нема да биде тешка, како во песната.
Ми се смачи од занимавањето на Македонија со самата себе.
Со идентитетот, јазикот, историјата, достоинството, со Гоце, Јане, Даме и другите манекени на таканаречената револуција со кои нацијата е заразена потешко отколку со ковидот.
Моето становиште е дека секоја медицинска сестра или учителка имаат направено повеќе за Македонија од сите тие фото модели, со тоа што сестрите и учителките се фин свет кој со никого не нѐ кара.
Заклучив дека земја која почива на такви конфронтирачки лаги за себе и која е самозаљубена во својата несреќа и неконсолидираност, во својата искомплексираност, не го заслужува моето време повеќе од 50 години. Толку бев спремен да изгубам на овие сераторски теми, повеќе не!
Јас ја мразам таа и таква Македонија, тоа е точно, но без тие срања што се обидов да ги изринам со лопатите на моите зборови, јас ја мразам колку што Пол Макарти и Брус Спрингстин ја мразат музиката.
Се разбира, дозволувам дека и на Македонија и е преку таквото од мене.
Но, за хиерархијата меѓу нас не решава само дарбата, разумот, моралните вредности, дисциплини во кои би ве победил со сто нула, туку пред сѐ посилното, постварното постоење.
Јас сум сам.
Затоа повеќе постојам.
Вие сте стадо.
Или јато.
Гавуни или гуски.
Овци, крави, свињи.
Да, да, има меѓу вас не малку двоножни свињи.
Понекогаш ми се чини дека сте бескрајно подли.
Така ми доаѓа да кажам, но веднаш ми паѓа на ум дека тој поим срамоти само кога служи за разликување на човек од човек.
Така пишуваше Гомбрович за Пољаците.
Така што и за Македонците не е соодветно, сепак, да се каже дека се подли.
Мнозинството се ништо на кое Хигзовиот бозон на глупоста му дава маса.
Додека се пакувам, не престанувам да се чудам на чинот на изборите.
Како Гомбрович кој се чудел на изборот на Артур Фрондизи за претседател на Аргентина во 1958 година.
На денот во кој гласот на неписмениот значи исто што и гласот на професорот, гласот на глупакот, колку и гласот на мудриот, гласот на слугата колку и гласот на велепоседникот, гласот на лоповот колку и гласот на чесниот човек. Тоа е најлудиот можен ден. Како тој фантастичен чин може да одредува во наредните неколку години нешто така важно во праксата како што е управувањето со земјата? На каква бајчичка се засновува земјата? На кој начин таа фантастичност може да претставува основа на општественото битисување?
Особено затоа што денеска технолошките и технички инструменти за препарирање на гласачите, на нивните ментални состојби и капацитети, се развиени и испробани во пракса до мерка која јасно покажува дека слободни и фер избори не се можни, не само во Македонија.
Тие инструменти го разорувааг општеството, го фолклоризираат и подетинуваат, а на власт, со чесни исклучоци, носат сѐ понеквалитетен човечки материјал.
Обични говњари доаѓаат во ситуација да ја одредуваат судбината на земјата и на луѓето во неа.
Да нема недоразбирање, јас за ова сум пишувал во врска со развојот на социјалните мрежи и факторизацијата на просташтвото и неукоста преку нив, за компромитацијата на изборниот процес преку клучните елементи на развојот, многу одамна, односно мојот став не е предизвикан од победата на вмро, но нема сомневање дека таа победа ги потврдува моите тези.
За спомен на Македонија би зел нешто што ќе ме натера брзо да ја заборавам. Некој споменик: коњ, тип со пушка, без постамент, лав од стражата на Ацо, знаме од Кутлеш да ми се најде како вреќа за листови од кока…
Тоа е сѐ народе!
Вам ви посакувам успешно да го испокинете Договорот од Преспа затоа што тој документ ве стави во редот на нормалните народи, а вие тоа не сте, како што Дафа ја искина преговарачката рамка, па да му се нафрлите на Охридскиот договор и конечно да го сјебете изворот на сета несреќа: Договорот од Прохор Пчињски.
Какво водство имате, не се сомневам дека ќе успеете да го спасите Охрид затоа што поради топење на мразот на Арктикот нивото на Езерото може да порасне триесетина метри. Дури тогаш ќе се види каков визионер бил Груевски кој бараше езерото да се огради со парапетче. Сега Мицко ќе треба да ја спушти Самоиловата тврдина и да ја постави меѓу градот и езерото.
Размислете и името да го смените.
Санта Македонија.
Северна не личи за една јужна земја.
Конечно, ако утре со помош на Господ и вмро-дпмне се обединиме, Северна ќе стане тотално бесмислено име, а со Санта баш ќе добиеме на светоста и звучноста.