Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Искрен да бидам, кратката репортажа за состојбата на физичкиот и јавен простор во центарот на град Скопје, направена од новинарот на „Канал 5.“, Александар Видиновски, ме боцна во око. Можеби ме боцна е преблаг збор, можеби соодветен збор би бил ме повреди, заболе, ме фрли во тага, ме направи очаен, скандализиран, меланхоличен…
Репортажата ја погледав неколку пати, не се сеќавам колку (можеби цели пет повторувања?); и одново и одново ги проживував сите болни и весели меандрирања (читај, сеќавања) што овој град ми ги пружи во една сосема друга, моја лична, по сè интимна темпоралност за градот, а посебно за неговото централно опкружување.
Скопје е град кој од секогаш сум го сакал со цело мое срце и битие, и ова го зборувам не за да им се допаднам на скопјани, не сум јас Карлеуша или Цеца некому да се допаѓам или не, напросто Скопје за мене беше и остана важен афирмативен или важен формативен град од времето на моите адолесцентски денови. За мој вкус, насловот што новинарот Видиновски го одбрал, за мене е малку претенциозен, ама не сакам да навлегувам во неговите доживувања и перцепции, затоа што на тоа немам право. Важно за мене во оваа кратка репортажа е тоа што го видов: „Скопје, град на духови“, таква беше мојата прва асоцијација. За визуелните детали и призори, би било пожелно и сами да погледате.
Имено, денешното Скопје и Скопје од моите формативни години нема врска едно со друго. И тоа по две основи. Едната основа е природниот проток на време, затоа што оттогаш до денес поминаа безмалку 20 години, и сè во Скопје денес е променето, како што е променето и Кавадарци, градот во кој денес живеам, како што е променета и Виена, Цирих, Париз, Загреб или Белград. И за тоа може да се пишува исклучиво метафорично. Од тоа време до ова денешно време, Скопје проживува премногу дисконтинуитети. Денес, пак, кога одам во Скопје за да се видам со некои мои драги луѓе, може само да приметам остатоци од кулисите на она претходно време. И кога пишувам и мислам за Скопје, веројатно човек се грижи за она што го боли, се грижи за она со кое болно е опсесиониран, или она кое му создава анксиозност.
За да се разбере што мислам кога велам „Скопје, град на духови“, можеби најдобро би било да се прочита книгата на Марко Мазовер, „Солун, град на духови“. Таа книга, на прв впечаток нема директна врска со градот Скопје, ама кога ќе ја прочитате, ќе видите што со тоа сум сакал да кажам. Едноставно речено, вам ви остануваат кулисите од претходниот свет на вашето сеќавање за градот. Ќе видите дека она за кое се сеќаваме за Скопје нема врска со денешното Скопје, без разлика што денешното Скопје ќе се удира во гради дека има. И за ова не зборувам во некоја вредносна смисла. Не зборувам ниту тоа дека денешното Скопје е подобро од она кое беше претходно, не зборувам ниту тоа дали денешните луѓе во Скопје се подобри или полоши од оние луѓе во „минатото Скопје“, не, мене тоа навистина не ме интересира, освен, гледано од моја скромна перспектива, од моја индивидуална перспектива, јас отсекогаш имам поголемо почитување за шарениот свет отколку кон еднообразниот, сив, мрачен и постапокалиптичен свет.
Скопје денес е еднообразен град, како што, за жал, тоа се сите наши поголеми градови. Тоа што во Скопје има различни верски објекти, синагоги, католички и православни цркви, сè тоа е обична кулиса. Шаренилото на еден свет е шаренило од луѓе. Ако тие не се шарени, градбите може да бидат било какви, тоа останува еднообразен град. За жал, и градбите на Скопје се грозни. Посебно е грозен оној лудачки и споменичен „Скопје 2014.“, ама тоа е сосема друга и мачна тема за која овде ниту имам волја, а немам ниту доволно карактери.
Но, да се вратиме на видеото на Видиновски. Ако, велам, го погледате четириминутното видео, ќе видите дека ние сме длабоко пропаднат свет. Во нашите градови, вклучително и град Скопје, модерно е да се зборува за повеќенационални заедници и мултикултуралности, инклузивности… Тоа се случи кога сите ние почнавме да развивме свест за тоа. И во тој момент сите ние станавме борци за таквите работи кога веќе уништивме сè друго.
Го уништивме Камениот мост, ги уништивме јавните простори, ги раскопавме градските улици, паркови, тротоари, пешачки зони… Потоа почнавме да се фалиме со своите сценографии, почнавме да се фалиме со туѓите Цркви, почнавме да се фалиме со тоа што го изградивме, мазејќи се блазирано пред ТВ камерите, ова е наше, а ова се нашите соседи…
А соседи, во суштина, нема никаде, освен можеби на гробишта. Ако навистина сакаме да бидеме цивилизирани и нешто да вратиме назад, има само еден начин тоа да се направи: мора да станеме страшно, страшно љубезни према бегалците и мигрантите од Блискиот и Средниот Исток, затоа што тие се нашите први и последни надежи за враќање на било какво шаренило. А ние према нив, денес, страшно сме нељубезни. Многу интересно е и тоа што на оние кои денес муцките им се преполни со мултикултурализам најчесто се и најнељубезните луѓе. Човек едноставно се прашува зошто толку силно се мразат денес тие луѓе. Не разбираат дека тие луѓе се нашата слика и однос за нас самите; и затоа и таква апокалиптична слика и кон јавните, заеднички простори: неуредност, ѓубре, мали и големи депонии, човечки измет и мочки на сите страни.
Имено, ние сме лажлив и расипан свет. Сè направивме да бидеме етнички чисти, а денес се занесуваме дека не е така. На овој начин го „сликам“ видеото на Александар Видиновски кога прашува, во оној негов слабо-креативен наслов наречен, „Како е згазено нашето национално и цивилизациско достоинство“.
Скопје ми предизвикува анксиозност, за Скопје ме боли, за Скопје ми е грижа, и за Скопје ми е жал.