Кумановец пропаднал во тиња и кал во близина на реката Пчиња, а утрово бил извлечен од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи и од ТППЕ Куманово.
Кумановските пожарникари повикот го добиле во 03: 13 часот утрово. Екипа предводена од командирот на смена, Сашо Илиевски, се упатила на местото покрај течението на рекажа Пчиња помеѓу кумановските села Студена Бара и Пчиња.
– Веднаш по добивањето на повикот од риболовец кој слушнал дека човекот е заглавен во калта и тињата се упативме на местото. Но, теренот е доста непристапен и моравме да одиме помеѓу дрвја, гранки, грмушки. Се приближвме, го видовме човекот кој речиси до глава беше во калта, тињата, успеваме да го извадиме човекот и со носила да го однесеме до екипата на Итна помош, изјави командирот на смена од ТППЕ Куманово кој го предводеше тимот, Сашо Илиевски.
Акцијата траеле околу три часа. Самото место било невообичаено како „жив“ песок, кал тиња, човекот колку и да се обидувал да се извлече, пропаѓал.