Премиерот Христијан Мицкоски, смета дека СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поради фактот што, како што рече, „тие се исплашени од Тошковски“ бидејќи гледаат дека сега секој е одговорен пред законот.
– Јас СДСМ ги разбирам, не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Зошто ги разбирам а не можам да ги оправдам, поради една едноставна причина што се исплашени од Тошковски, затоа што гледаат дека повеќе нема заштитени граѓани, политички елити, туку, секој е одговорен пред законот и тие веќе добиваат информации за тоа што ќе следи оваа есен, и се исплашени од Тошковски и има причина зошто да се плашат, рече тој.
Mинистерот Тошковски, како што рече премиерот, не само што ја врши професионално работата, туку го охрабрува да продолжи во таа насока.
– Затоа што сите овие случаи кои што се веднаш решени заедно со неговите соработници, досега, во минатото беше мисловна именка бидејќи не така многу одамна се сеќавате како белосветски нарко-дилери добиваа македонски државјанства пасоши, како полициски службеници се „закачаа“ со пајакот, како се слушаа луѓе, се малтретираа, се упаѓаше дома со униформирани полициски лица, се тепаа граѓани итн, сега тоа го нема, а проблемите се решаваат, сторителите на криминални чинови се изведени пред лицето на правдата и затоа СДСМ и ДУИ се плашат од Тошковски и имаат причина зошто да се плашат, посочи премиерот.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција вели „Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мега скандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите“. Се докажа дека не станува збор за бегство на Блерим Рамадани, туку организирано ослободување и пренесување на Косово од страна на високи функционери на МВР и други институции, рече Кузеска.
„ОЈО не смее да молчи и мора итно да соопшти дека започнува истрага. Доколку ОЈО ова не го направи во најкус рок, ќе сметаме дека застанува на страна на МВР и го прикрива овој скандал. Што чека ОЈО, треба веднаш да реагира и за тоа да ја информира јавноста. Прашуваме, дали се штитат нарачателите на оваа партиско-полициска операција? Христијан Мицкоски вчера во скандалозна изјава, наместо да побара одговорност и внатрешна истрага за случајот, тој тврдеше дека СДСМ шири лаги. Го прашуваме, како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни. Доколку не се спроведе целосна, темелна и независна истрага, ќе биде јасно дека и власта и обвинителството решите да го штитат МВР и Тошковски од одговорност, да ги штитат сите останати инволвирани во овој случај, сосе нарачателите и наредбодавачите. Министерот Тошковски треба да поднесе оставка и да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово, почнувајќи од Наим Рамука. Само така ќе има услови за независна истрага без притисоци. Бараме декласификација и објавување на снимките од граничниот премин Блаце веднаш. Нека видат граѓаните која е вистината, кој е шериф на границата. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат преку камерите и преку граничниот систем за контрола на патници“, истакна Кузеска.
Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески вчера на прес-конференција соопшти дека имаат докази од „свиркачи“ дека Рамадани ја напуштил државава и заминал во Косово на 10 август со Наим Рамука, началник на северната граница со Косово, а на 14 август, кога и избегал од земјава, бил превезен од вработен во општина Чаир по наредба на Рамука. И во двата случаја границата на Блаце ја поминале по лентата за товарен сообраќај без никаква контрола.
Трајчулески побара од Основсното јавно обвинителство (ОЈО) итна истрага на случајот, да се декласифицираат снимките од камерите на ГП Блаце за да може и целата јавност да увиди дека е вистина тоа што го тврдат, како и неотповиклива оставка од Тошковски и сите лица за кои имаат информации дека се вклучени во организација на бегството на Рамадани.
Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули годинава на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. На 1 август, мерката на Рамадани му беше преиначена во „куќен притвор“ и со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 15 август од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи тој е недостапен за органите на прогонот.
J. Ѓ.
Поврзано: