11 Октомври – Денот на народното востание и симболот на непокорот. Зошто почнало од Прилеп?
Секој трет жител од Прилеп, учествувал во НОБ. Според архивите, во Прилеп и околијата, во 1941 година, живееле околу 25.000 жители од кои 8.000 луѓе учествувале во НОБ. Од нив 2.700 биле директни учесници – со пушка во рака. За време на НОБ загинале 650 прилепчани. Во седумдесетите години од минатиот век, Прилеп е прогласен за Град херој. Од вкупно 66 народни херои од Македонија, 15 се од Прилеп.
Тоа се фактите.
Како почнало, кои биле подготовките, кои биле задачите и целите, раскажува еден од учесниците во востанието Крсте Црвенкоски, партизан од третата група на партизанскиот одред, која имала задача да ги прекине телефонските врски:
– „Месниот комитет веќе беше донел одлука за почеток на акцијата на 11 октомври. Јас на 10 октомври вечерта излегов во партизани. Зборно место беше зад Маркукуле. Таму се прибираа и другите партизани. Утредента, на зборното место зад Маркукуле, се собравме сите одредени за во партизанскиот одред (преку 40 души). Познати се деталите на оваа акција, начинот на кој таа беше изведена, пунктовите врз кои беше извршен напад… и сè што се случи потоа. За мене, еве сега кога се навраќам на тие денови, беше пресудна решителноста на Вера Ацева. Таа цврсто остана на ставот да ја извршиме акцијата и покрај писмото од ПК за нејзино одложување. Мислам дека тука големо влијание имаше смелоста на Трајко Бошковски-Тарцан. Тој, иако имаше еден сомнеж дека е направено предавство од еден човек кој побегна од одредот, сепак инсистираше да тргнеме и на участакот и на поштата и на затворот.
Кога ја извршивме акцијата, во градот со големи воени и полициски сили се крена потера по нас така што не успеавме сите да дојдеме до местото од каде што тргнавме во акција. Јас со мала група другари и другарки се засолнав кај една карпа во падините на Маркукуле. Некои од учесниците на акцијата беа уапсени; ние утредента се договоривме да слеземе во градот или во Варош и од таму да бараме повторно врски со одредот. Главнината, што остана на местото да ги сочека резулатите од акцијата во градот, предводена од Тарцана и БоркаТалески, кога ја виделе ситуацијата, заминале кај селото Ропотово (во шумата) каде што воспоставиле врска со партиската организација. Јас и групата што се засолнивме кај Маркукуле слеговме во градот и се засолнивме во разни куќи. По ден-два воспоставив врска со МК и тие ме упатија на местото каде што беше главнината на одредот, од Ропотово на Бабуна, над Степаначкиот манастир.“ се сеќава Крсте Црвенкоски
(Мице Козар и Трајко Тарцан од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“)
Инциденти и убиства на војници од бугарскиот окупатор, имало и пред 11 октомври.
На 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.
Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски.
Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески.
Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.
Во акцијата на првата група бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп. Потоа, Аспарух Јосифовски фрлил бомба врз стражарницата. Меѓутоа, надвор се нашол уште еден војник и отворил оган врз групата и со тоа овозможил стражарите да се извлечат. Потоа настанала вооружена престрелка, а групата успеала да се извлече по речното корито. Помеѓу партизаните немало загинати.
Втората група нападот на затворот го започнала точно во 22 часот. Групата се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица, по фрлената бомба, јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците, биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици.
Третата група со спојување на телеграфските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај, а целта било воениот гарнизон во Прилеп да не биде информиран за нападот.
По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци, на зборното место наречено Средоточна вода.
Според обвинението на воениот суд против учесниците на нападот на полициската станица, групата се обучувала во близина на Марковите Кули. Напаѓачите располагале со околу дваесет пушки, неколку бомби, 300-400 куршуми, со леб и со други намирници. Во обвинението се вели дека во текот на нападот, со три куршуми бил убиен стражарот Петар Дамев Колев во текот на извршување на стражарската должност. Стражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица. Како резултат на отпорот кој бил даден, се вели во обвинението, напаѓачите фрлиле рачна бомба која експлодирала, но не повредила никого.
Дејствија има и во Кумановско.
На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба, Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.
извор: Окно и Википедија.