„Покажи ми го твоето меме“, односно мемињата како начин за ширење на информации или дезинформации беше една од дискусиите на денешната конференција Е-општество, организирана од Фондација Метаморфозис, која одбележува 20-годишна од своето постоење.
Тројцата соговорници, специјалистот за комуникации и нови медиуми од Меѓународниот балкански универзитет, Сеад Џигал, новинарот во Мета.мк и креаторот на познатиот инстаграм профил „Студентарија, Гоше Николов и психотерапевтката Тиана Ивановска дискутираа за тоа што значи „мемификацијата на општествениот дискурс“ и како мемињата влијаат на нашето секојдневие, посебно кај младата генерација, но и во политиката.
„Мемињата главно служат за релаксација и забава кои одразуваат чувства на една заедница. Може да станува збор за корпоративни мемиња на работа, или за фанови на одредени филмови. Но меѓу сите овие мемиња, кои ни изгледаат толку наивни и забавни, се протнуваат мемиња кои имаат малку поинаква заднина и тие не се толку наивни. Тие претставуваат начин на комуникација кој преку едноставна слика со текст се шират како пожар на социјалните мрежи, служат за поттикнување емоции и поттикнување ставови, па затоа се и толку моќни“, рече Николов.
Според него, во денешно време, дел од јавно дадените изјави побрзо стигнуваат како меме отколку како официјална статија од медиум, па оттаму често се користени и од новинарите за да добијат информации.
„Ние како новинари можеме да ги користиме меме теплејтите. На пример, на Студентарија креираме мемиња, кои произлегуваат од новинарски написи кои се објавени на Мета.мк. Долгите текстови не секогаш се читани, па затоа на Студентарија ги споделуваме во форма на меме. Мемињата денеска се дел од медиумската писменост, и оттаму сметам дека треба да се најдат во материјалите за медиумска писменост – треба да го разбереме јазикот на мемињата за да ги сфатиме нашите ставови и нашите вредности“, вели Николов.
Според психотерапевтката Тиана Николовска, мемињата на еден начин го модернизираат јазикот, а ние стануваме сè посвесни дека на секое поле ни е потребна модернизација.
„При користењето на мемиња им се овозможува на луѓето да бидат во тек со актуелните вести. Тие имаат и социолошки и биолошки бенефити. Тука на сцена настапува и друг елемент, креативноста, односно преку мемињата постои можноста да се изразуваме креативно, нешто што сè помалку го има во општествата. Младите си ги ставаат и во личен контекст, во партнерски релации за подобро да прикажат како се чувствуваат, што значи дека се користат како емоционална експресија, бидејќи во денешно време се помалку зборуваме за емоции. На прашањето „како си“, сè повеќе одговараме со „еве“, не ја кажуваме емоцијата, се чувствувам добро, лошо, изморено. Оттаму, некогаш на младите им е полесно да пратат меме за да одговорат како се и како се чувствуваат што може да биде многу бенефитарно“, вели Николовска.
Според комуникологот Џигал, мемињата се еден нов формат на комуникација кои исполнуваат критериуми за онлајн комуникација, предизвикуваат силни емотивни реакции и се инстантни комуникациски форми, бидејќи лесно се споделуваат.
„Тие се може втора или трета генерација и при политичката комуникација и со својата инстантност служат за ширење инстантна порака, односно со куса порака пренесувате сложена мисла“, рече Џигал.
Тој вели дека мемињата станаа познати некаде во периодот 2015 – 2016 година, уште за времето на Барак Обама, кога почнало презентирањето на политички ликови и промотивни формати прилагодени за млади корисници. Потоа, во времето на Доналд Трамп, тие се трансформирале во политичка длабочина која се презентира хумористичен и шеговит начин.
„Тогаш главно беа негативни, односно сакаа преку исмевање да влијаат на политичките процеси. Денес, мемињата станаа дел од мејнстримот и доминација на забавни вести и привлекување на младите во политичкиот процес“, рече Џигал.
На ова се надоврза Ивановска, која рече дека често луѓето се идентификуваат со мемињата за Трамп, поради фацијалната експресија на неговото лице.
„Секогаш таквите мемиња ќе бидат повирални. Мемињата се токму тоа, начин да го вратиме нашето природно изразување“, рече Ивановска.
КВИЗ: Препознавање на дезинформации како супер моќ
Во рамките на конференцијата „Е-општество“, се одржа квиз меѓу две групи, „бумери против зумери“. Стануваше збор за натпревар меѓу два тима составени од претставници на граѓански организации, а квизот се однесуваше на подготвеноста за препознавање дезинформации.
На двете групи им беа претставувани различни фотографии или пак тврдења, а тие имаа задача да изберат една од понудените опции. Па така на пример, учесниците имаа задача да препознаат дали одредена фотографија на Папата Франциск е вистинска, дали Меган Маркл и Кејт Мидлтон се фотографирани заедно на роденденска прослава или пак фотографијата е направена со вештачка интелигенција. Прикажано беше и видео од Морган Фриман, на која натпреварувачите требаше да се изјаснат, меѓу другото, дали видеото е направено со дипфејк техника или пак претставува сегмент од одреден филм.
Сите овие примери беа прикажани со цел да се даде контекст во однос на тоа дека вештачката интелигенција може да има и негативни последици, односно да шири дезинформации и на тој начин да создава погрешна перцепција кај јавноста.
Двете групи натпреварувачи требаше и да ја погодат вистинската дефиниција за тоа што значи зборот „дезинформација“, а што значи „дипфејк“.
Беа користени примери за дезинформации кои најчесто се користат во јавноста, како на пример за климатските дезинформации кои го доведуваат во прашање научниот консензус, како на пример дека ХААРП го контролира времето, а владите во светот го користат глобалното затоплување за да ги стават луѓето под своја контрола.
Квизот содржеше и дезинформации кои се поврзани со вакцините против ковид, односно вакциналните дезинформации, како и за најчестите теории на заговор кои провејуваат во јавноста.
Пред да бидат прогласени победниците, Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист од Фондација Метаморфозис, една од водителките на квизот, рече дека во слулајов „ова не претставува квиз на знаење“, а дека единствен начин да се утврди дали една информација е точна е истата да се провери, најмалку од три независни извори, нешто што впрочем го прават и факт-чекерите. Воедно, таа повика, ако бил кој забележи одредена дезинформација што се шири во јавноста односно на социјалните мрежи, да ја пријави во редакцијата на Вистиномер.
На крајот од квизот, беа прогласени победниците, односно „зумерите“ ги победија „бумерите“ за еден поен – 6 наспрема 5. Тројцата победници добија награди, слики генерирани со вештачка интелигенција.
Извор: Мета.мк