Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската Влада.
Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт објави дека за време на разговорот Шолц ја осудил руската агресивна војна против Украина и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите што ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.
Шолц, исто така, ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина за да се постигне праведен и траен мир и ја изрази непоколебливата решеност на Германија да ја поддржи Украина во нејзината борба, се вели во писмената изјава на Хебстрајт.
Тој додаде дека Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи повторно по разговорот со Путин.
Владата не соопшти колку долго разговарале Шолц и Путин, а германската новинска агенција ДПА објави дека разговорот траел околу еден час.
Путин му порачал на Шолц дека Русија никогаш не одбила да преговара за крај на конфликтот во Украина
Рускиот претседател Владимир Путин денеска за време на разговорот со германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Русија никогаш не одбила да преговара за крај на конфликтот во Украина, додавајќи дека можните договори треба да ги земат предвид безбедносните интереси на Русија, да се засноваат на „новата реалност на терен“ и да се решат причините за конфликтот, соопшти прес-службата на Кремљ.
Кремљ објави дека Путин и Шолц имале „детална и искрена“ размена на мислења за ситуацијата во Украина.
Во разговорот Путин нагласил дека Русија секогаш ги исполнувала договорните обврски во енергетскиот сектор и дека е подготвена за заемно корисна соработка на тоа поле, доколку е заинтересирана и Германија.
Туск го поздрави тоа што Шолц му го кажал на Путин дека „ништо за Украина“ не може да биде решено „без Украина“
Полскиот премиер Доналд Туск го поздрави она што германскиот канцелар Олаф Шолц му го кажал на рускиот претседател Владимир Путин во денешниот телефонски разговор дека ништо не може да биде решено во врска со Украина без учество на земјата разурната од војна, пренесоа светските медиуми.
„Добив телефонски повик од канцеларот Шолц, кој ме информираше за неговиот разговор со Владимир Путин. Со задоволство слушнав дека канцеларот не само што недвосмислено ја осудил руската агресија, туку ја потврдил и полската позиција: ништо за Украина без Украина“, напиша Туск на социјалната мрежа Икс.