Во Собранието денеска почна продолжението на 30-та пленарна седница. Откако потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски соопшти дека ќе продолжат со работа со претрес по точката Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за услуги, по скратена постапка, со процедурални забелешки се јавија пратениците од македонската опозиција во однос на закажувањето на седниците за кои како што потенцираа, се закажуваат во последен момент. Посочија дека на последната координација на координаторите на пратеничките групи со претседателот на Собранието Африм Гаши е договорено во петок да нема седници за пратениците да можат да остваруваат контакти со граѓаните.
Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски истакна дека не бара премногу опозицијата со тоа што ќе се најави дека би имале седница за, како што рече, да можат колегите да бидат присутни.
-Да реагирам во однос на закажувањето на седницата. Мислам дека не треба да ја продолжуваме праксата вака да ги закажуваме седниците. Во 10 часот добиваме порака дека ќе имаме седница во 13:30 часот. Досега барем имавме фер комуникација и однапред укажувавте дека можеби ќе има седница за да знаеме. Мислам дека не бара премногу опозицијата со тоа што ќе најавите дека би имале седница за да можат колегите да бидат присутни. Ова го разговараме на координација договараме нешто, меѓутоа гледам дека слаби се ефектите, рече Спасовски.
На ова, Милошоски нагласи дека забелешката се прифаќа и најави оти следниот пат ќе гледаат да бидат попрецизни во овој дел.
Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев од собраниската говорница истакна дека според Деловникот на Собранието, петок е ден на пратениците за да остваруваат средби со граѓаните потенцирајќи дека координаторите на пратеничките групи договориле во тој ден да не се одржуваат седници.
-Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Законот за Собранието пратеникот покрај редовната работа во Собранието, остварува и контакт со граѓани. Согласно член 36 став 2 од Законот за Собранието секој петок се определува како ден за контакт на пратениците со граѓаните, избирачите во избирачката единица. Од нашиот координатор бевме информирани дека на последната координација е договорено петок да нема седници за пратениците да можат да остваруваат контакт со граѓани во нивните избирачки единици. Јас не знам какво е ова одржување на седница во петок која е закажана од денес за денес. Решението е од 17 јануари. Од денес петок за денес. СМС добивме во 9:45 часот наутро дека за три часа ќе има седница. Дел од колегите од нашата пратеничка група имаа закажано средби со граѓани. И јас имав закажано средби. Среќа што ми откажаа за утре. И немаше да дојдам. И што ќе беше после муабетот? Овој не доаѓа и затоа нема право на патни трошоци. Ова сега се финти. Вака финти ќе правиме. Од петок за петок ќе закажуваме седници? За да правите земање патни трошоци преку 10.000 евра годишно, така? И како знае мнозинството дека денеска ќе има седница? Зошто опозицијата не знае?, рече тој.
Јанчев побара да се почитуваат членовите 65 и 66 од Деловникот со кој се предвидува претседателот на Собранието да остварува координации со координаторите на сите пратенички групи, а не, како што рече, со тие од владиното мнозинство.
-Согласно член 65 и 66 од Деловникот, претседателот на Собранието прави координација со координаторите на пратеничките групи, на сите пратенички групи, а не само на тие што се во владејачко мнозинство и со тие од опозиција. Како вие знаете дека денеска ќе има седница од денес за денес, а опозицијата не знае. Како? Барам во иднина да се почитуваат членовите 65 и 66, координациите да бидат за сите. Тоа што ќе се договори на координациите да важи и сите да бидат информирани за планот за работа на Собранието, рече Јанчев.
Никола Мицески, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка нагласи дека се согласува со критиките на опозициските пратеници дека не треба да се прави закажување на седници од денеска за денеска. Потенцира дека вчера имало најава дека денеска ќе продолжат со седница за тие што биле присутни на вчерашната седница.
-Собранието е во постојано заседание и заседава секогаш кога има потреба за тоа. Закажана седница имавме вчера, на која што имаше планирано опозициски пратенички прашања од два часа и дополнително уште дваесетина точки кои требаше да се разгледаат. Опозициските пратенички прашања не сакавте да се разгледаат, затоа што и вие и другата опозиција баравте по еден час пауза и истите не се разгледаа, односно се разгледаа на начин на кој што се разгледаа. Дополнително, бидејќи вчера не искористив можност, денеска ја користам можноста. Институтот опозициски пратенички прашања од вчера како добронамерна идеја го разрушивте. Прашањата требаше да бидат поставени на постоечките министри, на секторски теми како опозициски прашања, а не да бидат злоупотребувани од одредени колеги. Бидејќи не стасавме да завршиме со самата седница, од причина што опозицијата бараше два пати пауза, за да не ги малтретираме во овие мразливи денови пратениците да возат во доцните ноќни часови, а бидејќи не бевте тука одлучивме денеска да се одржат комисиите и да продолжиме со работа со седницата. Тоа е единственото објаснение кое што го има и ќе го има. Приоритет е работата на Собранието, донесувањето на закони. Средбите кои што вашиот координатор ви кажал, не е точно дека сме договорени. Разговаравме да се соберат сите претседатели на комисиите заедно со претседателот на Собранието и да ставиме некои услови, односно да се договориме како ќе функционира Собранието. Имаме доволно време за да стигнете на седница доколку сакате да стигнете, рече Мицески.
Пратениците треба да продолжат со работа по оваа седница по дадената пауза побарана на пратеничката група на Левица.