Израелската влада потврди дека добила список на заложници кои треба да бидат ослободени во текот на денот.
Хамас претходно објави дека денеска им ги предал на посредниците имињата на тројцата израелски заложници кои групата ќе ги ослободи во Газа.
-Бригадите Ал-Касам одлучија денеска, недела, 19 јануари 2025 година, да ги ослободат следните израелски затвореници, објави вооруженото крило на Хамас, објавувајќи ги имињата на трите млади жени киднапирани на 7 октомври 2023 година.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) објави дека има 4.000 камиони со хуманитарна помош подготвени да влезат во Појасот Газа, од кои половината носат храна и брашно.
-Нападите врз хуманитарните конвои во Појасот Газа би можеле да се намалат бидејќи хуманитарната помош почнува да пристигнува по прекинот на огнот, изјави Филип Лазарини, шеф на УНРВА.
Меѓународните хуманитарни организации постојано го обвинуваат Израел за блокирање или одложување на дистрибуцијата на витална храна, лекови и гориво за време на војната во Газа. Како дел од договорот, хуманитарната помош во областа треба да се зголеми на 600 камиони дневно, што е над минимумот од 500 камиони дневно за кои хуманитарните агенции велат дека се потребни за ублажување на катастрофалната хуманитарна криза во Газа.
На крајот на октомври, израелскиот парламент донесе закон со кој се забранува УНРВА да работи во земјата. УНРВА предупреди дека новиот закон ќе предизвика „распад“ на синџирот за снабдување со помош за Газа.
Ј. Ѓ.