пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Меси, Бускет и Пике прифатиле да им се намалат платите.
Нема голови-нема премии.
Синдикатот на фудбалерите не рекол ништо.
Можеби затоа што таков синдикат нема или затоа што фудбалерите на Барселона не се синдикално организирани, можеби, се синдикално незаштитени сираци.
Којзнае?
Како и да е, да беа административни работници во Северна Македонија, ќе имаа поголеми шанси да се изборат со кризата што ја наметна корона вирусот. Ќе можеа по цел божји ден да мрчат на Фејсбук и да собираат лајкови и кретенски коментари, а нивниот синдикат, ќе треснеше на маса и ќе речеше: Стоп за намалувањето на платите!
Нема заебанции со македонските синдикати.
А, можеби, веќе во следниот чекор, со првите порадикални мерки, луѓето ќе останат и без минималните плати. На три месеци или три години. Можеби засекогаш. Познато е дека Македонецот може неограничено долго да работи без плата затоа што на тој начин инвестира во можноста по три години, да речеме, да може да се влече по улиците на Скопје и да го блокира градот во групи по дванаесет души плус еден, не знам колкав е законскиот услов, за да може групата да сере по улиците и плоштадите во договорениот термин, додека полицијата внимава да не од некаде налета некој џип или мотор па да ги згази и нив и нивните гомна.
Некои велат дека се движиме кон стандарди кои најдобро ги опиша Виктор Иванчиќ: „Ќе добие куршум в чело секој што ќе одбие да умре!“
Хахаха!
Каква максима!
Или ќе има враќање кон старите ритуали каков што е лапот. Го опишува Божидар Андреиќ во белградски “Данас”: Во време на тешки кризи, со најстрашни немаштии, синови и внуци го носат најстариот и најнемоќен член на семејството подалеку од куќата, често и на негово барање, му ставаат погача на главата и го усмртуваат со ушите на секирата, викајќи, не те убиваме ние, туку те убива оваа погача!
Страшно, што пострашно не може да биде.
Баладата за Нарајама сме ја гледале сите.
Ми доаѓа на ум во оваа време што некој (Басара, ми се чини) го нарекуваат “биолошки расизам”. Тоа е време кога под паролата за заштита на старите, се манифестира смртоносна сегрегација.
Јасно е дека целта ги оправдува средствата, односно здравјето ја оправдува изолацијата, но, да се вратам на Иванчиќ, можеби ние се движиме кон ситуација во која „средствата се цел.” Изолацијата е цел, дистанцата е цел, стравот е цел, обесправеноста е цел.
Ќе видиме зошто!
Еве го мојот скромен придонес во ќупот со теории на заговорот и со другите социополитички, филозофски и културолошки теории на темата „животот после короната”.
Ковидот е замена за Третата светска војна. Односно тој е форма на Третата светска војна. Која беше нужна како амбиент и контекст во кој ќе се дефинираат новите правила и стандарди и механизми на управувањето со човештвото на местото на исцрпените критериуми што беа поставени во Втората светска војна.
А која во својата класична, па дури и ултра модернизирана варијанта, стана невозможна поради присуството на атомското вооружување. Односно поради невозможноста да се добие глобален ефект, а тој да не се вика смрт на планетата и на животот на планетата во сегашната формација.
Вирусот во интензитет на пандемија, па уште и ваква пандемија, во која се изразува корона вирусот, ги овозможува трите главни работи што во минатото ги произведувале војните: драматично, апокалиптично искуство, проследено со многу голем број жртви, шокови и паничен страв, второ, форматирање на човештвото во заедници на луѓе кои со такво искуство зад себе стануваат култура погодна за нови обликувања, за нови модели, за нови форми, и трето, утврдување на тие модели на светско ниво. Не е за занемарување фактот дека во оваа форма на Третата светска војна, инфраструктурата останува негибната. Само што, веројатно, ќе има промени во функционалноста, а, можеби, и во сопственоста.
Ова не значи дека некој раководи со короната.
Макар што, со оглед на зголемената количина на лудаци кои управуваат со битни уништувачки ресурси, не би требало да се исклучи и таа можност, но за овој текст е важна објективната улога односно функција на вирусот.
Овие проекции не ми сугерираат дека промените што ќе се случат по повлекувањето на Ковидот ќе ги изменат самите основи на животот на човекот. Промените ќе бидат жестоки, но повеќе во организацијата и во манифестацијата на животот, отколку во самиот живот: нема да престанеме да јадеме леб, да одиме в кино, да одиме на доктор, да телефонираме, веројатно и да висиме на социјалните мрежи, да патуваме, да се сексаме и размножуваме.
Но, човекот мора да обезбеди неговите ресурси на светско ниво да не допираат до лудаци, како што во последно време се почесто се случуваше, какви што неа и се вмороните во Северна Македонија, ќе мора да ги ограничи техниките кои им стојат на располагање на идиотите, еден човек еден глас и инфантилната демократија која мислеше дека нејзината дефиниција сама по себе ќе ги маргинализира и контролира кретените, индивидуализмот и либерализмот ќе мора да одат во пакет со општоста, како што и партикуларните форми на организацијата, какви што се државите и нациите, ќе мора да одат во хармонија со глобалноста, зашто без тоа нема да ги има.
Поправедната распределба на светското богатство, и територијално и структурно, е неизбежна, социјалните мрежи ќе престанат да бидат платформи на лудаците или ќе бидат укинати, капитализмот, се разбира, ќе преживее, но троа култивиран и припитомен, под притисокот на војната на вирусите, но и под притисок на климатските промени и на сопствениот интерес да се адаптира, по тоа е барем познат, науката ќе добие системски повисок ранг, кокошарничкиот општествен саунд, крекетарската критика на се и сешто, сезнајноста како главна одлика на сите, ќе мора да се канализира во сосема други манири. Не верувам во социјалните револуции. Од корона вирусот човештвото ќе испадне не револуционизирано туку, напротив, кооперативно кон новите модели и кодекси. И добро ќе направи ако постапи така. Новиот светски поредок ќе биде подобар. Како што биле сите што во меѓувреме сме ги надминале.
Ова е најфината проекција што сум ја прочитал во врска со пандемијата.
Срдечно ви ја препорачувам.
Сите права се задржани.