Интервју на Трн со Ана Василевска, новинарка, филмска критичарка, модератор, ПР промотор, умешна во жонглирање со сродните професионални ангажмани.
Трн: Како се профилираше за да станеш ова што си денес?
Ана: Имаше оглас за пријавуање на новинари во МТВ. И моите почетоци по новинарство беа во 1998 година во Македонската радио телевизија и веднаш интересот ми беше насочен кон културата, особено кон филмот. Тоа го препозна, за жал неодамна починатиот уредник Иван Андреевски-Маче, и ми даде одврзани раце. Веднаш можев да снимам кратки репортажи, па и на што сум особено гора, првиот краток телевизиксии филм за Фолтин го снимив за МТВ, а за жал е некаде загубен по архивите на телевизијата. Имам голема среќа во животот, што можеби се должи на упорност или непоколебливост за нештата во кои длабоко верувам и ги сакам, не знам ни дури сега како да го дефинирам, ама најверојатно е дека верувам во природни работи, во природен след на настаните. Она што јас го живеев како мала, како начин на живот, како лајфстајл, доведе сосема природно за таква професионална определба. Уште од мала бев многу љубопитна, и вљубена во Калимеро што бара правда, што е основа ако сакаш да се занимаваш со новинарство. Книгите ми беа, ама баш најдобар другар. Читав секогаш пред спиење, со оние светла кои се монтираат со штипка на книгата. Веројатно и затоа продолжив на факултет за јазик и книжевност. Беше природно интересот да ми се движи тука некаде, цело тоа културно миље, луѓе што се занимаваат со уметност и култура, луѓе кои не беа мејнстрим, секогаш ми беа во опкружувањето. И на еден или на друг начин, сето тоа тебе те дефинира како човек и нели кога тоа ќе го направиш професија е многу природно и секогаш дава резултати.
Трн: Како се носиш ти со критките?
Ана: Во една прилика кога држев работилница за филмска критика, на која сум многу горда, присуствуваа различни профили на луѓе. Главната теза околу која бевме фокусирани тогаш е дека филмскиот критичар не е судија. Тоа е златно правило во критиката, за сите уметности. Значи не смееш да бидеш судија, треба да имаш една повисока цел кога го пишуваш тоа. Зборуваме и за афирмативна и за негативна критика, која откако ќе се напише треба да се аргументира. Кога аргументираш за лошото, треба да си далеку поиздржан во тоа за да нема тука хард филингс, препознавање дека некој те хејта или те мрази или така натаму. Треба да имаш добар бекграунд, и некаква почит, која си изградил патем како новинар и критичар. Главната цел е да се подобрат уметниците во тоа што го работат. Мене искуството ми покажало дека и тоа како знаат да бидат корисни за авторите.
За мојата книга имаше и негативни критики, јас очекував да ги има, малку беше тешко кога веќе сме кај неа. Таа претставува опсервација од 30 години, субјективноста не можеше да биде избегната и не треба бидејќи е сепак авторско дело. Меѓутоа се обидував таа субјективност до максимум да ја поддржам со аргументи, а нормално дека некому нема да му биде по воља. Таа е хибридно издание, содржи критики, есеи, некои теоретски потпирања, опсервации
Трн: Зошто филмот толку го сакам?
Ана: Специфичен е затоа што ги содржи сите уметности, , и второ затоа што е толку условен од сите интеракции кои се случуваат во едно социјално опкружување. Тој е одраз, рефлексија, на сѐ. Нашиот македонски филм е во голема мера огледало на тоа, кои сме ние и што сме, според естетиката на филмот секогаш има препознавање на милјето, препознавање на духот.
Трн: Ако треба да снимиш филм според твојот личен живот како ќе се вика?
Ана: Веројатно тоа би бил еден непретенциозен, крајно искрен, многу вистинит филм во кој нема да изостане духовитоста затоа што во мојот живот има многу темни облаци кои јас единствено ги имам преживеано гледајќи од светлата страна, како Монти Пајтон. Ќе има и еротика, затоа што верувам дека сексапилот е движечка вибрација, но зборувам за оној суптилен, што разгорува животен оган. Пред сѐ треба да биде многу искрен, многу вистинит, да има многу љубов во него, а за насловот…бидејќи имаме еден таков филм, „Панкот не е мртов“, можеби би бил „Вистината не е мртва“
Трн: Која животна философија стално те бутка?
Ана: Мислам дека раните искуства, со кои животот не ме поштеди, сведочев како многу мала на настани на кои не беа розови, , меѓутоа идејата и концептот дека човекот е жив, додека е љубопитен, додека го одржува духот искрените пријателства со луѓето со кои можеш да делиш исти или слични ставови е клучно за секоја егзистенција. Секогаш тоа, опкружувањето ми беше движечки мотив уште од тинејџерските години. Ајде малку да се вратиме на овој град. Јас јас сум 75. годиште, една генерација која е тука некаде помеѓу, постјугословенска и новата македонска самостојност, каде што бунтот го наследи мојата генерација. Не знам колку успеавме да се одржиме на таа бунтовност бидејќи и ние бевме научени малку на повеќе конфор од претходното општества а „Мечето Ушко“, колку што ни даде правец на етика и таа едноставна мудрост, толку не не подготви за таква радикална општествена промена (транзиција) во која царуваат нови игри и правила. Едно е факт, дека овој град беше град во кој срамота беше да бидеш глупав и неинформиран. Во овој град беше важно да бидеш модерен. Модерен во смисла на прогресивен, и сето тоа што стигнуваше од некаде како новина која бранува и турка напред, беше важно да се восприема. Независно дали зборуваме за мода, музика, филм…Тој дух на „аналогно“ Скопје, во кој беше тешко да се доаѓа до информации, се потевме и го оравме градот да стигнеме до некои острови каде што ги имаше работите што ги сакаме. Во Скопје после Југотон се појави Баги шоп, кој го држеше Владимир Мандичевски- Манде. Оваа локација на продавницата во Мавровка, беше светилиште, а Манде гуру, кој ни ги изнаоѓаше плочите, а ако немавме баш пари да ги купиме, ни ги снимаше на касета. Ах какви времиња.. Потоа, почнаа да се отвораат видеотеки, како „Милтон“ во Капиштец, „Алек“ во Градски ѕид каде што се чекаа редици за да се гледаат филмови кои, секако не можеа да се видат на телевизија. Така, како што ги препознаваме авторите, да речеме ако си го открил Федерико Фелини во втора година во средно, тука беше јасно дека ќе мораш да ги изгледаш сите негови филмови, и потоа следеа долги дебати за тоа што си го гледал, по тие клубови, друштва каде што се движев. И сега, кога те профилираат, такви координати на градот, меѓу МКЦ, Музеј на современа уметност, пасажи по Дебар Маало, клубчиња во гаражи на Градски ѕид, Куршумли ан итд…, тешко ти е да се помириш лесно дека некој така, бахато ќе дојде и ќе се обиде да ти ја преоблече стварноста во некаков Скопје 2014 а културните институции да ги мери на кантар како на Бит Пазар. Да ти гази по духот, и тоа едноставно не може да се дозволи. Додека дишам ќе се борам, да се сочуваат тие свети контури на овој град.
Трн: Во какво опкружување сакаш да гледаш филмови?
Ана: Мислам дека е незаменливо гледањето филмови во кино, иако конфорот што ти го нуди можноста со еден клик дома на лап топ да гледаш филм, е исто прекрасна. Многу сакам да гледам и сама филмови кои имаат длабоки интимни пораки. Еве последно што го гледав, а ме трогна во кино е „Девојката со иглата“, инаку кандидат за Оскар за странски филм. Мислам дека треба да го гледам сама, дома, иако ефектот за таа неверојатна фотографија, нема да биде ист.
Сорентино и Фон Триер се меѓу моите омилени режисери.
Трн: Кога би имала можност да разговараш со некој режисер, жив или мртов, кој би бил?
Ана: Секако најмногу од сѐ ќе сакав да е жив и да разговарам со Бертолучи, а секако дека ќе сакав да разговарам со Стенли Кјубрик. Најмногу прашања од филмската уметност ми се упатени кон тие двајца автори. Скорсезе е жив, ама не ми бил провокација да направам интервју со него. А од живите апсолутно дека Сорентино би бил на прво место и би имала канонада од прашања и Ларс Фон Триер. Некој што има направено исчекор во филмот, со догма школота и што ме има навистина ме трогна длабоко, тоа е убавината на филмската уметност на Ларс Фон Триер. Тие вткаени човечки кодови, во неговиот хируршки режисерски јазик многу ме погодуваат. И којзнае како, имам чувство дека иако се работи за Данец, како да е сосема близок до моето географско и културолошко миље. Тоа е и со Бергман. Да, ги сакам Скандинавците, но го сакам и Џармуш, Звагњицев, Сокуров, Куросава, Вендерс. Би имала прашања и за Гаспар Ное, кој е единствен во радикалноста на сликата од која создава уметност…ах не знам навистина има големи режисери кои успеале да ми го преобликуваат светогледот или барем да ми го разведрат и разјаснат постоењето .
Трн: Како е да се работи со „културњаци“?
Ана: Не верувам во наметнати авторитети. Тоа е нешто кое треба да се заслужи, да, треперам пред тие, такви авторитети кои јас ги доживувам како големи во мојата глава. Тие луѓе, иако се толку големи, се наједноставни. Специфично е кога се работи со културњаци, сум имала ситуации коа сум морала да се соочам големо со его, со неверојатни нарцисоидни синдроми каде што требало да се премерува секој збор, и зато знам да се шалам со колегите од политики сектор, дека им е далеку поедноставно.
Прашање до Сорентино: Како толку умешно успел и на што се должи неговата луцидна перцепција на нијанските на човечката психологија, и потреба? Нијанси на машко женски односи, нијанси на осаменост, особено современиот човек во корелација со естетиката која секогаш е доминанта во неговите филмови.
Духот е тој кој е основна движечка сила на сѐ, на еден човечки живот, на еден град и тоа е нешто што не треба да се земе здраво за готово, треба да се негува, треба постојано да се храни, инаку ќе го проголта темнината ( Без љубов, знај, ќе те проголта, овој град без гордост и срам – Архангел) .
Трн: Ако треба да направиш анализа на македонскиот филм од твоите почетоци до ден денес, какви промени забележуваш?
Ана: Отприлика со тоа се занимава и книгата која ја напишав, и не би сакала многу да се повторувам. Промените се огромни, на подобро. Ние на почетокот на осамостојувањето, кога и мојот интерес почнува за македонскиот филм, прво на филмот влјае сѐ, тој не може да остане имун на општествените промени, претходно тој е во една комотна рамка, како дел од југословенската кинематографија, работат со големи буџети, пари има, мегаломански , можеш да снимаш 6 месеци, 10 месеци и сето тоа одеднаш се менува во својот спектар. Се менуваат условите за работа, се менуваат и темите. Во првите години доминира социјалната драма која и прави голема штета на македонската кинематографија, во смисла на имиџот кај пошироката јавност. Публиката ги доживува како здодевни, и во кои темите се повторуваат. Ама има и генијални филмови што посегнуваат по издржана естетика и провокативни теми. Сепак, останува впечатокот дека доминираат пцовки, маскуларност, женските улоги се мали, или се некои домаќинки потчинети, тука глумиците не можат да дојдат до израз, за нив не се пишуваат здрави улоги во кои тие можат да се претстават како карактери, практично се сите споредни улоги. Јас се сеќавам моите дома, кога ќе имаше македонски филм на ТВ, исклучи телевизија, ама тоа сѐ почнува да се менува. Излегуваат на сцена млади режисери, оние кои го сакале стрипот како Дарко Митревски, потоа Игор Иванов, Теона Митевска, па плејада на автори што испливуваат како Дарјан Пејовски, Вардан Тозија, Ѓорче Ставревски, Ѓорѓи Унковски… ( ќе ми простат тие што тука не се споменато, но сите ги има во книгата J Се бара сосема друг агол, , транзитира, па се снимаат и експериментални филмови. За ова детално во „Дискретниот шарм на македонскиот филм“. Меѓутоа тоа што се случува последните седум години е таков еден развој, еден бум, што е обратнопропорционален со условите кои филмаџиите ги имаат за работа. Меѓутоа тие успеваат да направат чуда, ние не се симнуваме од филмски фестивали од А категорија. Има таков пробив на една женска продукција. Сакам да направам една книга која ќе има работен наслов Филм Фемина МК, или Нежната страна на нашиот филм, која би ги вклучила женските автори, не актерките бидејќи тие се посебна приказна. Авторикте како режисерки, сценаристики и продуцентки и би било убаво да се добие впечаток како тие се избориле во една до скоро доминатно машка професија
Трн: Која глумица би сакала да те одглуми?
Ана: Марина Поп Анкова која би ме глумела во млади денови, црвената коса е случајност, станува збор за енергија. А во овие години сега мислам дека добро би се снашла Верица Недеска.
Трн: Дали одиш на театар?
Ана: Многу сакам театар, иако сум многу пребирлива, имам неколку омилени режисери кои не им пропуштам претстава, Нела Витошевиќ, Срѓан Јанакијевиќ.
Мојата конзервативност која би требало да е астролошка карактеристика, ја препознавам единствено кога ќе се заљубам во некој автор.
Филмот е захтевна работа! Гледам многу интересни кратки филмови
Трн: На кои филмови постојано се навраќаш?
Ана: Филмови на кои им се навраќам: Некои тоа го сакаат жешко, Another round, филм што три пати сум го гледала и три пати сум плачела, данската филмска школа многу ја сакам, како што кажав погоре. Знам и да го гледам одново и „Беше еднаш во Америка“, заради епската димензија што ја носи. Неодамна повторно се осврнав и на ремек делото на Сорентино во епизодите на „Младиот папа“.
Јас верувам во катарза! Вентилција на духот
Трн: Кои совети би им ги дала на твоите помлади колеги?
Ана: Најважниот, не само за помлади колеги туку за сите луѓе кои јавно се осмелуваат да изразат став на било кој начин, мора да има интегритет, никако да не го продаде интегритетот а тој се гради со непоколебливост, се држиш до фактите и не потклекнуваш под влијание, никакво, најмалку политичко. И ова е голема жртва во ова општество на кланови од секаков вид, каде што е многу тешко да опстанеш ако играш чисто, како индивидуалец.
Интегритетот е сѐ што имам или сѐ што сум направила, постигнала сум направила сама. Тука почнува и завршува сѐ.
Трн: На што си најмногу горда?
Ана: Најмногу сум горда на се што сум успеала, на сите животни предизвици, професионални предизвици, политички предизвици, да останам јас и да го сочувам мојот интегритет.
Трн: Ако имаш шанса некому да му се извиниш кој би бил?
Ана: Би се извинила на родителите, сигурно не било лесно со мене, пркосно, бунтовно, своеглаво дете и подоцна млад човек кој одеше со глава во ѕид. Но, исто таа мислам дека и премногу сум се извинувала непотребно, и еве за тоа, ќе си се извинам сама на себе.
Трн: Актуелен ангажман?
Ана: Нулта.мк ми е новото професионално гнездо. Се надевам ќе испишеме добра приказна.