Со новите упатства ќе се овозможи сите туристички агенции да издаваат ваучери за сите клиенти кои претходно уплатиле аранжман за годишни одмори, а немаат можност да ги искористат од новонастанатата ситуација, истакна на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Секој клиент кој направил уплата за туристички аранжман ќе добие ваучер кој ќе може да го искористи до 31.12. 2021 година. Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Сите агенции кои нема да го почитуваат тоа, ќе бидат најстрого казнети согласност законот за туристичка дејност, истакна Бектеши.
Бектеши соопшти и дека за поддршка на туризмот кој е најпогоден од кризата на барање на Министерството за економија, Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање надомест за музика, рестораните, хотелите, кафулињата и останатите субјекти што плаќат ваков надомест, имајќи предвид дека воопшто не работат.
Ј. Ѓ.