„Па, така одлучивме. Дека ќе бидеме ко-спонзори на Резолуцијата која што ја поднесоа Соединетите Американски Држави“, со ултра краток одговор на новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес конференција потврди дека ќе ја поддржи предлог резолуцијата на администрацијата на Трамп во Обединетите Нации.
Мицкоски рече дека очекува предлог резолуцијата на Трамп да биде поддржана од мнозинството на Обединетите Нации.
САД во предлог резолуцијата поднесена бара брз крај на војната и се повикува на траен мир, со блага критика за руската инвазија на Украина, додека во предлог-резулоцијата на ЕУ, се зборува за целосна инвазија на Украина од страна на Руската Федерација, и се бара итно и безусловно повлекување на сите руски сили.
Денеска се навршуваат три години од руската инвазија врз Украина, а денеска се очекува двете резолуции да се најдат на Генералното собрание на ОН.
Д. Т. / Цивил Медиа