Со повеќе од 250 наслови распоредени во четири натпреварувачки селекции во Солун од 6 до 16 март се одржува 27. издание на Интернационалниот фестивал на документарни филмови. Фестивалот беше отворен со „За херојот“ („About a Hero“) на Пјотр Винјевич (Piotr Winiewicz), филм кој е раализиран со употреба на вештачката интелигенција користејќи го творештвото на германскиот режисер Вернер Херцог. Токму ВИ е тема на фестивалскиот фокус насловен „ВИ: неизбежна интелигенција“ кој ја носи селекцијата на истражувачки документарни филмови, збогатена со визуелната инсталација „Лорен: Има ли некој дома?“ на американската уметница Лорен Ли Мекарти.
Креаторите и програмските селектори на Фестивалот на документарни филмови го започнаа ова издание со изјавата дека селектираните наслови „нè поттикнуваат добро да ја разгледаме суровата реалност и повторно да ја процениме скапоценоста на филмот“. Впрочем, програмската селекција е фокусирана на дезинформациите и искривувањето на фактите како алатки за манипулација, па правењето документарни филмови нè потсетува на моќта на вистината, попотребна од било кога – „Вистиномер“ пишуваше претставувајќи го „Поврзани“ на руската авторка во егзил Вера Кричевскаја како еден од сигнификативните наслови од годинешната фестивалска тема.
Фестивалот се затвора на 16 март со доделување на наградите и со проекцијата на филмот „Марли Матлин: Не веќе сама“ на Шошана Стерн, чија сторија говори за актерката Марли Матлин, првата глува добитничка на Оскар. Како и секој фестивал што се бори за престиж, солунскиот на програмата вкнижува 72 филмови со светска премиера, 40 со интернационална, а 11 со европска премиера во 16 програмски целини. Дел до нив се борат за награди во четири селекции. Во главната Интернационална натпреварувачка програма се селектирани 10 филма (од нив 3 се на
домашни грчки автори) кои се борат за двете награди, „Златен Александар“ (парична награда од 12.000 евра) и „Сребрен Александар“ (5.000 евра).
Во интернационалната селекција „Newcomers“ (Новајлии) која опфаќа дебитантски и втори филмови на авторите за наградите – насловени според еден од основачите на документарниот фестивал и негов долгогодишен директор ,„Златен Александар-Димитри Еипидис“ (10.000 евра) и „ Сребрен Александар“ (4.000 евра) – се борат 10 филма. Исто 10 филма се во конкуренцијата на интернационалната програма „Film Forward“ (Напреден филм), кои се надеваат на „Златен Александар“ (6.000 евра) или „Сребрен Александар“ (3.000 евра). Четвртата компетитивна селекција е насловена „Immersive – All Around Cinema“, во која учествуваат 8 експериментални наслови со компјутерски генерирана тродимензионалност, а еден од нив ќе ја добие наградата
„Златен Александар“ (2.000 евра).
Фестивалот годинава го чествуваше исклучителниот француски автор на документарни филмови Николас Филибер со почесната награда „Златен Александар“, а гледачите имаа можност да погледнат четири филмови од неговиот богат опус, наградуван на престижни фестивали.
Кога документот „оживува“ на филм, а кога, пак, животот на јунаците завреднува да стане (филмски) доклумент? Се чини дека во филмската документаристика оваа дилема е излишна, бидејќи токму тој амалгам ја чини посебна уметност.
Тоа можеше да се види и во филмот „Под знамињата, Сонцето“ на парагвајскиот автор Хуањо Переира, внимателна реконструкција на една од најдоговечните диктарури во светот, онаа предводена од генералот Алфредо Стоснер. Диктатурата на Строснер во централната земја на Латинска Америка, освен што траела цели 35 години, е уникатна и по тоа што се потрудила да скрие што повеќе од аудиовизуелните материјали. Переира цели 6 години истражувал во филмските и аудиовизуелните архиви во соседните земји на Парагвај, и неговиот труд резултира со необичен калеидоскоп на тоталитаризмот на Строснер, кој колку што ја прикажува неговата посебност, толку ја потврдува и тезата дека сите диктатури си личат една на друга.
Во Парагвај на Стреснер црвената боја – за разлика од стандардните идеолошки конвенции – е заштитен знак на владејачката националистичка партија „Колорадо“, а звучи познато и тоа што никој не можел да работи или да студира ако не е член на партијата. Кршењето на човековите права било повеќе од рутина, а Парагвај бил предводник на латиноамериканските земји (Чиле, Аргентина, Боливија, Парагвај, Уругвај и Бразил) во операцијата „Кондор“ во средината на 70те години од минатиот век, кога под менторство на САД ,а под изговорот дека се борат против комунистичката закана, политичко-полицискиот терор завладеал на целиот континент.
Од друга страна, пак, како што дошол на власт со воен удар, така Строснер и бил симнат од тронот – со воен удар, по што побегнал во Бразил, каде што живеел следните 17 години до неговата природна смрт. Статуите што биле подигнувани во негова слава завршиле како монументалните споменици на другите диктатори низ светот – срушени и искршени од гневните демонстранти.
Можат ли „малите луѓе“ да ја добијат битката против големите диктатори? Во екот на Втората светска војна Чарли Чаплин со комедијата „Големиот диктатор“ покажа дека авторитарните и тоталитарните системи, како тој на Адолф Хитлер во најчудовишна форма, можат да бидат срушени со смеата. Истата онаа смеа што уште од античко време била ноќна мора за властодржците, што низ забавна и постмодерна трилер форма ни го покажаа Умберто Еко и Жан-Жак Ано во романот/филмот „Името на розата“. Трагајќи го изгубениот спис „За комедијата“ на Аристотел, детективот со име Вилијам од Баскервил (го игра Шон Конери) како посвета на детективскиот жанр на Артур Конан Дојл и неговиот литературен херој Шерлок Холмс открива дека смеата е најголемото оружје против власта, па мора да биде сотрена по секоја цена.
Но, и денес таквите „мали луѓе“ се предизвик за големите авторитарни лидери. Во „Господин Никој против Путин“ на Давид Боренстејн и Павел Паша Таланкин (данско-чешка копродукција) ја следиме мисијата на Павел „Паша“ (33), учител и организатор на настани во мало основно училиште во мал руски град. Паша е пранкстер познат по неговиот неконформистички став кој со инвентивните плакати им брца в очи на власта. По почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, Паша на меѓународната јавност им ги открива разорните ефекти од агресивната милитаризација на Русија во нејзините училишта, без разлика што неговата
егзистенција како учител е доведена во опасност со новововедената патриотска образовна политика. „Малиот човек“ Паша се противи на големата „државотворна политика“ преку организирање дневните пропагандни настани во училиштата…
Тие обични, „мали луѓе“ ги среќаваме на сите меридијани, за жал повеќе таму каде што царува оружјето. Во „Очите на Газа“ на Махмуд Атаси (во продукција на Катар), тие „мали луѓе“ се палестински реапортери кои известуваат за секојдневните ужаси во Појасот Газа по ескалацијата на судирот меѓу Израел и милитантната група Хамас, каде што за време на едногодишните судири загинале повеќе новинари отколку што Комитетот за заштита на новинари започнал да ги бележи жртвите меѓу медиумските работници од 1992 година. И, сега, освен што се новинари, тројцата ликови се и сопрузи, родители, синови… па нивниот поглед на ситуацијата не може а да не биде комплетен.
Може ли да сретнете насмени, дури и весели луѓе во време на војна? Дури и ако сте во Украина – тогаш можете, само ако ги сретнете јунаците на Олга Гибелинда од нејзиниот филм „Кралиците на радоста“. Во оваа украинско-француско-чешка копродукција трите „drag queens“ – Дива Монро, Марлен и Аура – покажуваат дека травеститите се најмалото „зло“ на општествата. Како што вели еден од херои(ни)те на приказната, војната во Украина ги натерала обичните луѓе да ги прифатат
овиe припадници на ЛГБТК популацијата како „обични“ со зборовите: „Иако сте педери, сепак сте наши! Да заврши војната, па ќе видиме што ќе правиме со вас!“.
Филмот нуди доволно духовитост за да се преживее цела една војна, кога веќе мирот не е доволен за разбирање. Во западниот свет, пак, „малите луѓе“ ги водат битките против технолошки гиганти. Во француската продукција „Социјална стапица: 5 жени против Големите 5“ на Елиса Жадо ја следиме правната битка на меѓународен план на 5 жени чии деца биле жртви на промоција на самоубиство, сајбер насилство, зависност, говор на омраза на водечките социјални мрежи како Тик-Ток, Мета, Х, СнепЧет… Бидејќи Интернетот бил споменат во меѓународните правни норми со
една проста реченица уште во периодот на неговите почетоци во 1996 година, овие жени тргнуваат во мисија правно да ја регулираат технологијата на социјалните мрежи не е само како социјално прашање, туку како многу битно прашање за јавното здравје и безбедноста.
Овие кратки осврти се само обид да се долови дел од атмосферата и темите на документарците прикажани во првиот дел од Фестивалот на документарен филм во Солун. „Малите луѓе“ со нивните големи судбини уште ќе чекорат по филмското платно…
Пишува: Стојан Синадинов
Преземено: Мета.мк