Форумот на семејствата на заложниците, најголемото здружение на роднини на израелските заложници, денеска, по синоќешните напади врз Појасот Газа, упати апел до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да престане да ги убива“ нивните блиски.
– Семејствата на заложниците сакаат средба со премиерот, министерот за одбрана и шефот на преговарачкиот тим, каде ќе ги уверат како заложниците ќе бидат заштитени од воен притисок и како се планира да бидат вратени. Престанете да ги убивате … веднаш!, се наведува во соопштението на Форумот.
Најмалку 220 лица загинаа во израелски воздушни напади врз Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти, откако рано утрово беа погодени десетици цели во енклавата, со што беше ставен крај на неколкунеделниот обид за продолжувањето на прекинот на огнот, кој ги запре борбите во јануари.