Министерот за одбрана во оставка Ејуп Маќедонци, ексклузивно откри дека Бугарија е подготвена да се приклучи на одбранбениот договор потпишан меѓу Косово, Албанија и Хрватска, но од Бугарија демантираат дека се согласиле со такво нешто.
Неточни се информациите за силен неофицијален интерес од Бугарија кон Декларацијата за соработка во областа на одбраната меѓу Хрватска, Косово и Албанија, изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев во писмена реакција до пратениците од „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.
Денеска се навршуваат 26 години од егзодусот на косовските Албанци, кога за време на војната 1998-1999 година, околу еден милион Албанци беа принудени од српските паравоени сили да се преселат во Албанија и Македонија, потсетуваат косовските медиуми.
Во продолжение се поместени содржините од денешниот редакциски избор на ЦивилМедиа од албанските медиуми во регионот.
КОСОВО
ТВ 21 – Маќедонци: Бугарија ќе се приклучи во одбранбениот сојуз со Хрватска, Косово и Албанија
Министерот за одбрана во оставка Ејуп Маќедонци, ексклузивно откри дека Бугарија е подготвена да се приклучи на одбранбениот договор потпишан меѓу Косово, Албанија и Хрватска, пренесува ТВ 21.
Маќедонци во интервју за ТРТ Балкан на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија рече и дека очекува кон овој договор да се приклучат и други земји од регионот.
„Имаме потврда од Бугарија, која претходно разговараше со хрватскиот министер за можноста за приклучување кон овој трилатерален договор, но јас целосно верувам дека и другите земји во регионот, особено оние кои споделуваат заеднички вредности со нас и кои вообичаено споделуваат заеднички интереси, бидејќи само вредностите не се доволни, ќе се приклучат на овој договор, да речеме во оваа декларација, која секогаш ја нагласувам стабилноста и безбедноста, изјави Маќедонци.
Косово, Албанија и Хрватска потпишаа договор за одбранбен сојуз, кој на 18 март во Тирана го потпишаа министрите за одбрана на трите земји.
Телеграфи: Бугарија негира дека ќе се приклучи кон одбранбениот сојуз меѓу Косово, Албанија и Хрватска
Неточни се информациите за силен неофицијален интерес од Бугарија кон Декларацијата за соработка во областа на одбраната меѓу Хрватска, Косово и Албанија, изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев во писмена реакција до пратениците од „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“
Јепо Јипов и Елисавета Белобрадова. Прашањето е за „новоформираните сојузи меѓу Косово – Албанија – Хрватска“. Одговорот е објавен на веб-страницата на Собранието, ја пренесува реакцијата косовскиот дневник Телеграфи, објавена во бугарскиот портал Епицентер.бг.
Бугарија е запознаена со иницијативата на Албанија, Хрватска и Косово и внимателно го анализира текстот на Заедничката декларација на министрите за одбрана од трите земји, потпишана во Тирана на 18 март 2025 година.
Неодамнешните информации во јавноста за изразениот неофицијален интерес на Бугарија за приклучување кон сегашната декларација се неточни, објаснува министерот во нивниот одговор. Министерството официјално добило копија од потпишаниот документ преку усна нота од Албанската амбасада во Софија на 25 март 2025 година. Во ниту еден момент Министерството, а со тоа и Бугарија, не биле контактирани или консултирани во врска со иницијативата од страна на иницијаторите, ниту пак е упатена официјална покана за наше вклучување, одговара Георгиев.
Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, истакна дека има изразен интерес од Бугарија за иницијативата, како што потсетуваат од БТА. Косовскиот министер за одбрана истакна и дека Бугарија покажала интерес за иницијативата.
Бугарија одржува одлични билатерални односи со секоја од трите земји, од кои две се сојузници на НАТО, додека на Косово имаме распореден воен контингент како дел од мировните сили на НАТО – КФОР, чија главна задача е да обезбеди мир и стабилност, посочи Георгиев.
Балкан веб: 26 години од егзодусот/ 1 милион Албанци беа принудени да го напуштат Косово од српските паравоени сили
Денеска се навршуваат 26 години од егзодусот на косовските Албанци, кога за време на војната 1998-1999 година, околу еден милион Албанци беа принудени од српските паравоени сили да се преселат во Албанија и Македонија.
Покрај раселените во Албанија и Македонија, илјадници Албанци ја преминаа и границата во Црна Гора, додека стотици илјади беа раселени од своите домови за да најдат засолниште во планините на Косово, пишува Балкан веб.
АТВ: Хашкото обвинителство го заврши изведувањето на доказите во случајот со поранешните лидери на ОВК
Специјалното обвинителство во Хаг во средата соопшти дека го завршило изведувањето на доказите во случајот против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. СЈО ги обвини поранешните водачи на ОВК за наводни воени злосторства. Тие се изјаснија за невини по сите точки од обвинението, пренесе АТВ.
Она што е познато како големото судење започна на 3 април 2023 година – речиси три години по потврденото обвинение, за време на кое поранешните водачи на ОВК беа задржани во притворниот центар во Хаг.
Во официјалното соопштение , Специјалниот суд соопшти дека повикало 125 сведоци да дадат исказ директно во судницата.
АЛБАНИЈА
Репортери: Думани од СПАК бара уставни измени за законот за Специјалното обвинителство
Шефот на Специјалното обвинителство (СПАК) Алтин Думани го повтори барањето на обвинителите на СПАК да им се даде можност да се кандидираат за реизбор за уште еден мандат од 9 години и да не одат како обвинители во Апелационото обвинителство.
Но, за ова да биде ефективно, потребни се уставни измени на законот за Специјалното обвинителство.
За време на својот извештај до КЛП, Думани тврдеше дека статусот на обвинителите треба внимателно да се разгледа по завршувањето на нивниот мандат во СПАК, пренесе Репортери.
КОЛУМНА
Коха: „Два принципа за (брз) излез од блокадата“
„Во меѓувреме, Собранието може да излезе од ќор-сокак потпирајќи се на два суштински принципи. Првиот принцип е континуитет. Постојат различни форми на менување влади – од оставка, гласање недоверба, до целосно завршување на мандатот – но Република Косово никогаш не може да остане без Влада легитимирана со гласот на граѓаните и уставниот правен систем.
Вториот принцип е предност.
Иако во други околности, Косово се соочи со слична ситуација, што го потврди принципот на континуитет, како во случајот со оставката на Владата на Харадинај. На 19 јули 2019 година, премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка откако беше повикан на разговор од Специјализираните совети во Хаг, што предизвика период без функционална влада. Владата на Харадинај остана на функцијата како преодна влада, продолжувајќи да функционира до формирањето на новата влада, за да гарантира дека нема институционален вакуум и да обезбеди континуитет на институциите.“, пишува Авторот Ветон Сурои во колумната „ Два принципа за (брз) излез од блокадата“, објавена во косовскиот дневник Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа