Во Македонскиот народен театар (МНТ), вечер со почеток во 18 часот ќе биде одржана Свечена академија по повод одбележувањето на 120 години од Националниот ден на Власите.
Настанот под слоганот „120 години – Столб на балканската историја, сегашност и иднина“ е во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во соработка со влашките здруженија, културни институции и јавни организации. Оваа манифестација, како што информираат од Министерството, претставува можност да се прослави истрајноста, идентитетот и културното богатство на влашкиот народ, кој преку генерации оставал длабок печат во општествениот развој на Македонија.
Како што информираат од Министерството за односи меѓу заедниците, на настанот ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Иван Стоилковиќ и претседателот на ПВМ, Стерјо Папули.
Свечената академија ќе биде збогатена со културно-уметничка програма. Манифестацијата ќе биде отворена со настап на Хорот „Злата Мегленска”, настапи на уметниците Марија Костова, бендот „Бона Деа” и Елена Џика од Скопје. Публиката ќе има можност да ужива и во изведбите на „Fiturlji di Shtip – Пеперутки од Штип” и Леона и Ребела Јанкоски дует од Крушево, настап на дуетот Александар и Дац, како и изведба на групата „Армањ Пирифањ – Горди Власи” од Скопје.