Американската глумица Анџелина Џоли планира да ја продаде својата куќа во Лос Анџелес и да се пресели вон градот, пренесува списанието „Пипл“ (People).
Според наводите, таа разгледува неколку можни локации, а се вели и дека никогаш не сакала трајно да живее во Лос Анџелес, но немала избор поради договорот за старателство над децата којшто го има со нејзиниот поранешен сопруг Бред Пит. Инаку, таа, се чини, би се преселила следната година, кога нејзините најмлади деца – близнаците Нокс и Вивиен ќе наполнат 18 години.
„Ќе биде многу среќна кога ќе може да го напушти Лос Анџелес“, додаде неименуваниот извор за „Холивуд репортер“ (Hollywood Reporter).
Вилата во којашто Џоли живее, ја купи во 2017 година за 24,5 милиони долари. Зданието има шест спални соби, 10 бањи, огромна градина со базен, фитнес-вежбалница и многу други понуди. Претходно, тука живеел и култниот режисер Сесил Б. Демил.