Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Марјан Илиевски е задоволен од изданието на неговите избраници на синоќешниот дуел со Унгарија. „Црвено-жолтите“ со победа 82:75 ги завршија претквалификациите за Светското првенство 2027.
– Кажав дека контра-нападите ќе бидат наше најсилно оружје, го анулиравме и проблемот со скокови и слободно, можам да кажам дека напредуваме во однос на времето кое го имавме заедно. Ништо не може преку ноќ, за се треба време. Ние ќе продолжиме како што најдобро знаеме, критиките се тешки, но можат и да ни помогнат за развој на тимот. Повторно апелирам до клубовите да сметаат на овие играчи бидејќи ни претстојат други претквалификации, а кошаркарите треба да бидат носители на репрезентацијата. Тоа е единствена насока за помош на националниот тим во иднина, изјави Илиевски на прес-конференцијата по натпреварот со Унгарија.
Македонската репрезентација со една победа и три порази не успеа да избори учество во квалификациската фаза.