ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Меџити: Очекувам апсолутна победа на октомвриските избори, парламентарните се за три години

August 24, 2025 10:34
in ДЕНЕС, ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА

Конкретна и прагматична програма во неколку столбови со визија за наредните 50 години како Чаир да биде урбана општина и многу подобро место за живеење за граѓаните, најавува кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Коалицијата ВРЕДИ и актуелен прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Меџити во интервју за МИА вели дека довербата од граѓаните за следните четири години ќе ја бара со мастерплан, кој ќе даде сообраќајно решение на главните артерии во Чаир за луѓето да можат многу полесно да се движат, а ќе даде решение и во однос на зеленило, тротоари, урбанизација… дивоградбите, вели, нема да се уриваат, но ќе се стави мораториум за нови градби.

-Чаир ќе биде прва општина што нема да има ѓубре и сите контејнери ќе бидат подземни. Мислам дека тоа ќе придонесе за многу почист, позелен Чаир.

-Имаме визија како паркирањето да се реши целосно во Чаир. Најава за 500 нови паркинг места во Старата скопска чаршија, 100 во Гази Баба и нови паркинзи во Чаирчанка, на Пластичарска, како и зонско паркирање во одредени делови од Чаир.

-Старата скопска чаршија во моментот е најатрактивното место, не на ниво на Скопје, туку на ниво на цела држава. И сега е добро, но може многу подобро. Имаме визија и програма и за Старата скопска чаршија.

-Од 1 септември две од основните училишта ќе бидат само во една смена и тоа ќе биде наша интенција да го направиме и со другите училишта со реорганизација и со изградба на нови училишта.

-Очекувам апсолутна победа на ВРЕДИ во Чаир и во однос на советниците и во однос на градоначалник и дека битката ќе заврши во првиот круг.

Во интервјуто, меѓу другото Меџити открива и што го мотивира повторно да се кандидира за градоначалник и како планира да го трансформира Чаир во модерна, урбана и функционална општина. Се осврнува и на критиките од неговиот главен противкандидат Бујар Османи, објаснувајќи зошто овие избори треба да се фокусираат на локалните проблеми и решенија, а не на национални теми. Меџити, како што вели, очекува апсолутна победа – и во Советот на Општината, и во првиот круг од изборите за градоначалник.

Денеска во МИА разговараме со кандидатот од коалицијата ВРЕДИ за градоначалник на најмалата по територија, но најгусто населена скопска општина – Чаир, Изет Меџити. За почеток, што Ве мотивираше за повторно да се кандидирате за градоначалник на Општина Чаир?

-Прво, има една филозофија дека во политиката е битно да не заборавиш од каде доаѓаш, на корените, а јас доаѓам од Чаир. Роден и пораснат во Чаир. Политички поддржан долго време во Чаир и имајќи ги предвид искуството, но и можностите сега со новата Влада, којашто историски е влада која најмногу ги помага општините во реализација на капитални инвестиции и решавање на конкретни проблеми на граѓаните, и мислам ова беше поттикот да се вратам таму и да дадеме стратешки развој на Чаир. Значи сме го изоделе тој пат, ги знаеме и проблемите и пропустите, но знаеме и како да направиме Чаир да биде урбана општина и многу подобро место за живеење за граѓаните.

Како министер за животна средина, како ќе го искористите искуството за оправдување на потеклото на името на општината (ливада). Колку има простор за нови зелени површини во Општина Чаир.

-Прво, Чаир е зелена општина. Ако одиме просторно, процентуално колку има градби и зеленило, Чаир е зелена општина и би рекол стои подобро од многу други општини во Скопје. Точно е тоа дека делови од Чаир, каде има колективно живеење, како што е Топанско поле и стариот Чаир имаат многу повеќе зеленило, но проблемот е каде што се индивидуалните куќи и населбите со индивидуални куќи. Таму го има многу малку, но мислам дека со мастерпланот и со тоа што сакаме, ангажиравме архитект од Турција со потекло од тука, на кој и презимето му е Вардар, го знае Чаир и сака да помогне од патриотски причини, а сето тоа со добри примери и искуство од таму да го прилагоди тука. Мислам дека и во тие населби со нова урбанизација ќе има многу повеќе зелени простори.

Најавивте изработката на мастерплан за Чаир по примерот на Истанбул и Бурса со архитектот Бајрам Вардар. Што повеќе може да ни откриете за ова. Најголем проблем е недостиг на паркинг и пренатрупаност во делови во општината? 

-По анкетите и тоа што е и мислење на граѓаните, моментално се две работи најбитни за граѓаните во Чаир. Тоа е паркингот и хигиената. Ќе почнам од второто. Во Чаир имаме на четири локации подземни контејнери и во овој период ќе поставиме уште девет подземни контејнери. Но, имаме идеја и план целиот Чаир да нема ниту ѓубре, ниту контејнери и се да биде подземно. Тоа ќе биде пилот општина, прва во Македонија, прва во Градот Скопје, каде што ќе биде тоа изведено. Во однос на подобрување, после ќе дадеме придонес и со социјалните работници кои ги имаме, но мислам дека и новото раководство на Град Скопје и на јавните претпријатија ќе бидат многу поодговорни и сето тоа што го земаат од Чаир, како такси и даноци, ќе го вратат со инвестиција во зеленило, во хигиена и друго.

Во однос на паркинг местата. Да, мала е површина од 3,4 квадратни километри и според пописот има 63 илјади жители, но мислам дека има повеќе, околу 80 илјади жители. За тоа ќе дадеме наша визија, како ќе го решиме. Иако, по случајност доаѓам од Старата скопска чаршија, каде сега со министерот за култура Зоран Љутков отворивме подземна гаража за 60 возила, под Музејот и конзерваторскиот центар. Сега го исчистивме, ќе го доуредиме тој простор и ќе има заедно со горниот дел 120 паркинг места. Деновиве, исто така, во населбата Гази Баба има една голема површина од околу 2000 квадрати, каде порано кога луѓето повеќе се грееле на дрва тоа било простор на користење на Караџица. Се договоривме, и така не е во функција, да се отвори тој простор и да биде во функција на граѓаните. Да се паркираат таму и тоа ќе бидат над 100 паркинг места. Во текот на оваа година, донесовме одлука на Влада и веќе е во процедура во Министерство за транспорт, се отвори постапка за да се избере фирма за подземна гаража на плоштадот Скендербег, на влезот наЧаршијата за 400 возила, на два ката подземно, а горе ќе биде плоштад со зелени површини и убав влез за Старата скопска чаршија.

По овој принцип, ќе го искористиме и Законот за јавно-приватно партнерство, да се изградат паркинзи во Чаирчанка, на Пластичарска и во некои други делови од Чаир. Мислам дека тоа целосно ќе го решиме, ќе има и зонско паркирање во одредени делови од Чаир. Имаме визија паркирањето да се реши целосно во Чаир.

Тука се и дивоградбите. Што со нив, дали општината има капацитет да ги урива? Ако се уриваат, што е со оштетените граѓани, како тоа ќе се реши?

-Не, нема да се уриваат, но ќе се стави мораториум за нови градби. Мислам дека е апсолвирано тоа како тема, злоупотребена е во функција на овие локални избори. Чаир не се разликува воопшто од другите скопски општини и воопшто од другите општини на ниво на Македонија. Шеста општина е на ниво на Град Скопје, значи пет други се пред Чаир, а девет други се пред Чаир, на ниво на Република Македонија. И, тие што обвинуваат, требало да мислат на тоа да не го кројат Чаир со 3,4 квадратни километри. Мислам на Ахмети и Османи. Требало на времето да не биде општина, која е скоро со површина на Касарната Илинден. Чаир има 3,4 квадратни километри, а Касарната Илинден има 2,2 квадратни километри. Требало на време да го мислат тоа, а не да натрупаат 80 илјади жители во 3 квадратни километри и нормално дека е тоа проблем. Но, ние не сме од тие што се жалиме, туку секојдневно знаеме каде одиме и како да го направиме подобро место за живеење Чаир.

Добро, прашањето повеќе беше со мастерпланот што го најавувате како ќе се реши тој проблем…

-Мастерпланот ќе даде визија за наредните 50 години, по принципот на Кензо Танге, од 1963 година, којшто служел на Град Скопје и денес служи како рамка и каде оди урбанизацијата на Скопје. Тоа ќе даде сообраќајно решение, пример проширување на улицата „Цветан Димов“ и поврзување со обиколницата, како улицата „Џон Кенеди“ да излезе на булеварот „Никола Карев“, исто така, како да се прошири улицата Македонско-косовската бригада. Сето тоа проширување и решение на главните артерии во Чаир ќе даде друга димензија, луѓето ќе можат многу полесно да се движат. Исто така, ќе даде решение и во однос на зеленило, тротоари, урбанизација и тоа за скоро време ќе го прикажеме и објасниме пред јавноста.

Со кандидатот за градоначалник за Скопје од владиниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски веќе најавивте проширување на улицата „Цветан Димов“ во булевар со по три ленти, велосипедски патеки… но, трасата минува низ еден од повпечатливите делови на Чаир со дрвореди и го допира стариот парк. Постои ли решение да се задржи и тоа, а да се направи булевар, зошто и двете се важни?

-Решението е подолго време на ниво на Градот Скопје. Има проект за тоа, мислам почната е експропријација на дворовите, каде ќе се одземе дел. Тоа е единствено добро решение, ќе ја елиминира единствената црна точка на нивото на Градот Скопје и луѓето нема да губат време или да го избегнуваат Чаир, туку ќе поминувааат низ Чаир без да размислуваат.

Веќе најавивте повеќе проекти за Чаир во вкупна вредност од 65 милиони евра, еден е тој што го споменавте за изградбата на подземен паркинг на плоштадот „Скендербег“, но која е вашата визија за Старата скопска чаршија и делот околу?

-Чаршијата беше замрена пред десет и нешто повеќе од десет години. После пет часот луѓето се плашеа да поминат, немаше жив човек, бизнисите беа пред затворање. Сега, можам да констатирам дека Старата скопска чаршија во моментот е најатрактивното место, не на ниво на Скопје, туку на ниво на цела држава. Таму сега може да поминеш и во 10, 12 навечер и мислиш дека си како во некои од главните центри, како во Таксим, луѓе се раздвижуваат цело време низ Старата скопска чаршија. Работиме секојдневно за подобрување таму, од каде сега дојдов, после 40 години е во функција еден подземен паркинг под конзерваторскиот центар и Музеј на Северна Македонија. Исто така, се уредува калдрмата на Ковачка улица, која беше најзапоставена и сега ќе биде атрактивна, осветлена, безбедна и многу пофункционална улица. Но, има многу да се работи во тој дел.

Мислам дека треба да се размисли од тие 700 дуќани, некаде над 200 се сопственост на поранешно ПУИГ ( АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор) и ги издаваат, но не оди како што треба. Мислам дека најдобро е тие да се отстапат на приватниот сектор, бидејќи приватниот сектор подобро ќе ги работи тие дуќани. Кога ќе биде негов дуќанот, ќе проба едно, друго, трето, и ќе најде нешто што ќе функционира и така мислам дека ќе бидат во функција сите 700 дуќани во Старата скопска чаршија.

Имаме визија, имаме програма за ова. Мислам дека има доста работа во однос на Чаршијата и сега е добро, но може многу подобро. Мислам дека главниот проблем е паркингот, ние обезбедивме денес околу 100 паркинг места, со проектот за плоштадот Скендербег што е поминат во Влада се 400, тоа се над 500 паркинг места, што видно ќе го олеснат пристапот до Чаршијата и мислам дека луѓето после тоа нема да кажат, сакам да одам во чаршија, но не знам каде да се паркирам.

Каква кампања очекувате и каква кампања ќе водите? Од вашата досегашна работа, по што Ве препознаваат граѓаните на Општина Чаир и од кого очекувате поддршка?

-Почнавме, секојдневно промовираме проекти што се реализираат, проекти што ќе ги реализираме. До избори ќе ја има и програмата, зошто го бараме гласот за наредните четири години и тоа нема да биде се што ќе понудиме, туку ќе има неколку столбови на кампањата, како што е во однос на хигиената. Го кажувам и стојам на тоа, дека Чаир ќе биде прва општина што нема да има ѓубре и сите контејнери ќе бидат подземни. Мислам дека тоа ќе придонесе за многу почист Чаир, позелен Чаир. Исто така, ќе биде и во однос на другите прашања. Во однос на паркингот, ќе покажеме колку паркинг места има и која е нашата визија за тоа во наредните четири години да има доволно паркинг места во Чаир. Во однос на образование, можам од сега да кажам дека Чаир има девет основни училишта, од 1 септември две од тие ќе бидат само во една смена. ОУ „Конгреси и манастирит“ и ОУ „Јашар Беј“ ќе бидат првите две училишта што ќе работат само во една смена, што ќе биде новост во Чаир и ќе биде наша интенција, тоа да го направиме и со другите училишта со реорганизација и со изградба на нови училишта. Во однос на градинките, се изгради најголемата градинка и е пуштена во употреба. Мислам моментално најубавата и многу атрактивна, уште две такви ќе се прават во други делови на Чаир.

Програмата ќе биде конкретна и прагматична во неколку столбови.

Главен противкандидат ви е Бујар Османи од ДУИ. Османи веќе го крена влогот, оценувајќи ги изборите како референдум и обвинувајќи Ве за политика на отворена врата кон „српскиот свет“. Ваш коментар за ова?

-Во однос на „српскиот свет“ мислам дека тој беше главен поддржувач на Отворен Балкан, каде што беше потиснато и не беше дел од тоа Косово, и пораката беше дека не е проблемот диктатурата на Србија, туку проблемот е Косово во регионот за соработка. Едни од главните поддржувачи за тоа, беа Ахмети и Османи. Имаше и друга информација дека додека бил министер за надворешни работи 11 пати бил во Белград, скоро ниту еднаш не бил во Косово. Знаеше да оди и во Киев, и во Азербејџан, но никако да оди во Митровица, така што граѓаните го имаат прочитано тоа. Но, овие се теми и ќе ги дадам одговорите на парламентарните избори, ние сега зборуваме за локални избори и тука се гледа дека немаат програма, немаат визија и се губат кога зборуваат. Ако сакаме да збориме за Охридскиот рамковен договор, за духот на Охридскиот рамковен договор, не треба да заборавиме дека токму децентрализацијата е еден од главните столбови на Охридскиот договор и ова е прва влада што помага на ваков начин на сите општини, без разлика од која политичка провениенција е градоначалникот, бидејќи за нас се битни граѓаните и нивните проблеми и решенијата за тие проблеми. Оваа Влада ја поддржува децентрализацијата, како еден од главните столбови на Охридскиот рамковен договор и тука мислам се затвора прашањето. И ние сега зборуваме за локални избори, за општините, за конкретни проблеми, за конкретни решенија, додека тие зборуваат за теми коишто не се совпаѓаат со локалните политики, така што, во однос на локалните политики тука сме да одговориме, да се соочиме. Во однос, на такви теми, ги имаме одговорите, но за тоа ќе зборуваме на идните парламентарни избори, кои се редовни после три години.

Колку советници очекувате во Советот на Општина Чаир?

-Очекувам апсолутна победа на ВРЕДИ во Чаир и во однос на советниците и во однос на градоначалник.

Ќе имате доволно советници за да ја остварите целата програмата? 

-Да, немаме дилема.

За крај, колку гласови очекувате во првиот круг? 

-По се изгледа ќе има само два кандидати и очекувам дека битката ќе заврши во првиот круг. Очекувам тука бројката да се движи околу 15 илјади гласа.

Tags: МеџитиЧаир
Next Post
Поглед на Земјата од Месечината. Фото: Генерирано со ВИ

Тајните на Месечината: Зошто не сме ја посетиле со децении по Аполо мисиите?

НАЈНОВО

Фото: Скриншот

ФФМ и ФК Брегалница го осудија инцидентот во Штип

August 24, 2025
Фото: Цивил Медиа

Амбасадорката Дир: Поддршката од партнерите ни овозможува да му се спротивставиме на рускиот агресор

August 24, 2025

Мицкоски: Она што го направи ВМРО-ДПМНЕ овие два дена е новитет на политичката сцена во Македонија, за Скопје се приоритетни три столба

August 24, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Скопје стана Кијив на еден ден – Украина ја одбележа независноста

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Тежок инцидент во Штип: Тепачка на натпреварот на младите категории на Брагалница и Шкупи, две деца повредени

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Костова до Тошковски за инцидентот во Штип: Децата ни ги сокршија од ќотек додека тераш кампања на Орце

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Да ги освестиме придобивките од ЕУ за да знаеме зошто сме против!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Амбасадорката Дир: Поддршката од партнерите ни овозможува да му се спротивставиме на рускиот агресор

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk