Младиот и храбар Марко Пејчиновски официјално го најави својот нов подвиг – модифициран IRONMAN триатлон на дистанца од 107 километри, кој ќе го реализира на 28 август. Како што објави самиот Пејчиновски, патеката ќе се состои од три дела: трчање од Свети Наум до Струга, возење велосипед назад до Свети Наум, и на крај пливање кон Охрид.
„По месеци напорни тренинзи, по многу падови, повреди и искушенија – конечно дојде моментот за мојот модифициран Ironman триатлон. За тие што сè уште не знаат што ќе правам, вечерва на 28.08 со почеток од Св. Наум ќе трчам до Струга, потоа со велосипед од Струга ќе се вратам во Св. Наум и за крај со пливање ќе се упатам кон Охрид за вкупна бројка од 107 километри.
Можеби се прашувате зошто го правам ова? Целта е потрага по желба за живот. Пред 1 година бев загубен по патот на животот, како и многу други. Со ова сакам да им покажам и да ги инспирирам дека има подобро утре. Со вера во Бога и упорност ќе успеете.
Сакам да изразам благодарност до сите вам кои ми ја давате вашата безрезервна поддршка. Целиот триатлон ќе биде документиран на моите социјални мрежи, и затоа заследете ме, споделете го ова видео и се надевам дека ќе ве видам во што поголем број на целта“, истакна Марко.